Покрај река Брегалница се гради пешачка патека

112

Интензивно се гради пешачката патека на река Брегалница во Берово. Градежните активности, како што информираат од Општината, се реализираат во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда, со изградба, уредување и осветлување“, што се реализира со средства од Програмата за регионален развој, преку Центарот за развој на Источен плански регион.

– Со цел урбанизирање на овој дел од градот се врши изградба, уредување и осветлување на пешачко велосипедска патека на река Брегалница, од „Кафтански мост“ од лева страна, преку дрвениот мост од другата страна, па се до зградата на улицата „Партизанска“ од двете страни, после досегашниот изграден дел – велат од Општината.

Со овој проект, покрај тоа што ќе се подобри сликата за Берово и регионот како туристички атрактивна дестинација, според очекувањата на градоначалникот Звонко Пекевски, ќе се овозможи развој и на останатите економски гранки.

– Ќе се урбанизира еден доста руиниран дел од Берово, а жителите и туристите ќе имаат можност да уживаат во природа по кејот на река Брегалница. Овој проект е од огромно значење за Општината и значи и нов инпут во развојот и стратешките определби на Берово, како препознатливо туристичко место – истакна Пекевски.

За реализација на овој проект од Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој се обезбедени седум милиони денари, додека еден милион денари ќе бидат кофинансирани од Буџетот на општина Берово.