Покетино проговори за „кавгата“ со Меси

197

Покрај најавеното заминување на Роналд Куман од Барселона, изминативе неколку дена главна тема во спортските медиуми е и „расправијата“ меѓу Лионел Меси и тренерот Маурисио Покетино во ПСЖ.

Во рамки на 6. коло од францускиот шампионат, ПСЖ го совлада Лион (2:1) пред своите навивачи, а натпреварот всушност го означи моментот кога Покетино го извади Меси од игра.

Се играше во 75. минута кога тренерот на ПСЖ одлучи да го смени Меси, а натпреварот и не заврши кога на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа незадоволството на еден од најдобрите фудбалери на денешницата.

Од тој момент, голем број странски медиуми се занимаваа со реакцијата на Меси, а во пресрет на гостувањето на ПСЖ кај Мец, новинарите побараа коментар од Покетино.

  • Ситуацијата е многу јасна, а клубот зборуваше околу ова прашање. Видовме дека Меси чувствува болка во коленото. По еден дуел, тој се фати за коленото и ние реагиравме, истакна тренерот на ПСЖ, па додаде:
  • Одигра добро во првото полувреме, имаше добра можност која за жал не ја круниса со  гол. Но, одигра добро, и по 75 минути поминати на теренот, земајќи ја предвид ситуацијата со коленото, решивме да го повлечеме од игра.

Француските новинари исто така беа заинтересирани дали Покетино е изненаден од фотографијата, која се појави на социјалните мрежи, почна да се дискутира низ целиот свет.

  • Не, не бев изненаден. Прифаќам таква ситуација. Како што реков претходно, ја добивме информацијата и одлучивме дека е поправилно да го извадиме од игра во 75. минута отколку да го оставиме до крај. Сите големи шампиони сакаат секогаш да бидат на теренот. Ние разбираме се, заврши предводникот на парижани.