Фановите на Формула 1, и не само тие, а особено оние за кои Михаел Шумахер е идол, со нетрпение го очекуваат документарниот филм за животот на легендарниот германски возач.

Филмот со едноставен наслов „Шумахер“ започнува да се прикажува вечерва, на 15 септември.

Легендарниот Германец веќе осум години се бори напорно со последиците од падот додека скијаше на француските Алпи. Шумахер ја повреди главата на 29 декември 2013 година, а до ден денес нема вистинска информација за неговата состојба.

Затоа многумина очекуваат информации за неговата здравствена состојба во филмот. Новинарите на францускиот портал „Гала“ имаа можност да го гледаат филмот пред премиерата и открија што вели неговата сопруга Корина (52) за легендарниот Шуми.

  • Никогаш не го обвинував Бога за она што се случи. Тоа беше несреќа, можеше да му се случи секому. Тоа ни се случи и тоа е најлошото нешто што можеше да ни се случи. Страшно е постојано да се прашувате: „Зошто се случи ова со Михаел“, зошто со нас, зошто вака?“. Но, сепак, тоа им се случува и на другите луѓе…, вели Корина во документарецот.

Она што е сигурно е дека Михаел тешко би преживеал без помошта на Корина сите овие години.

  • На сите им недостасува Михаел, но тој е тука. Поинаку е, но го има. И мислам дека тоа ни дава сила. Што и да се случи, ќе направам сè што можам… Животот продолжува. Тој секогаш нè штитеше, а сега ние го штитиме него, додаде Корина.

Жан Тод, кој го посетува семејството Шумахер двапати месечно, неодамна зборуваше за нејзината грижа за Михаел.

  • Таа е добра жена која го води семејството. Таа не го очекуваше ова, сè се случи одеднаш и немаше избор. Но, се справува добро, јас и верувам и таа ми верува, истакна неодамна Тод.