Една од најголемите и најпочитуваните болници во САД, њујоршката Маунт Синаи, во која се лекуваат повеќе од 1.100 заразени со коронавирусот, почна да бара донации од 10 до 1.000 долари така што секој може да го избере неговиот подарок – од ручек на лекар или медицинска сестра, вечера за целиот оддел, до кутија ракавици или респиратор.

Управата на болницата, лоцирана на Менхетен на авенијата Медисон им нуди на донаторите да изберат „подарок“ – 1.000 долари за купување на вентилатор, 500 долари за тестирање на антитела на коронавирус, 250 вечери за оддел од 10 вработени, 100 за пет заштитни одела, 50 долари за три кутии ракавици, 25 американски долари за два штитници за лице и очила, 20 долари за Убер возење на една медицинска сестра до нејзиниот дом или 10 долари за ручек на еден здравствен работник.

Болницата Маунт Синаи, основана во 1852 година, пред седум дена стана позната по тоа што медицинските сестри, во недостиг на заштитна опрема, си ставаа ќеси за ѓубре, а поради тешката состојба на здравствените работници, управата ги повика сите да им помогнат да ги решат проблемите, но и да се соберат средства за тестирање на лекови за борба против Ковид-19.

Њујорк е епицентар на епидемијата во САД, а Маунт Синаи е епицентар на Њујорк, истакнаа претставници на болницата.

Во Њујорк до денеска има 63.306 заразени, а 2.624 луѓе починале. Нултиот пациент беше евидентиран на 1 март. Во државата Њујорк бројот на заразени надмина 100.000, а во САД 312.000.

Извор: МИА