Позитивните го тестираат собранискиот кворум

Актуелниот парламентарен состав, освен корона-кризата, на мака го става и најтесното парламентарно мнозинство од 62 пратеници, 46 од Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и 15 од ДУИ и еден пратеник од ДПА. Опозиција се само 4 пратеници помалку, односно 58 пратеници од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса и Алтернатива. Неможноста за работа и ваквиот распоред на силите сè почесто ги засилува шпекулациите за нови предвремени парламентарни избори заедно со локалните в година

196

Законот за попис кој требаше да се донесе до крајот на октомври и уште неколку законски решенија клучни за надминување на ковид-кризата, и од здравствен и од економски аспект чекаат кворум заглавени во собраниска процедура.

Несигурниот кворум беше причина и за пролонгирање на донесувањето на измените во Законот за заштита од заразни болести, кои предвидуваат поригорозни мерки за заштита од ковид-19.

Без договор за онлајн седници, со неколку пратеници во изолација и позитивни на ковид, законодавниот дом и по три месеци од конституирањето не може да ја откочи работата. Договор уште нема ни за бројот на потпретседатели. Тесното мнозинство од само неколку пратеници предност за коалицијата предводена од СДСМ не може да обезбеди услови за непречена работа. Во јавноста сè почесто се шпекулира дека пратеници од едниот табор, преговараат за преминување во противничката пратеничка група, но до овој момент такво прелевање не се случило.

Во меѓувреме, од Центарот за јавно здравје соопштија дека ниту еден пратеник или службеник од Собранието нема да оди во изолација поради контакт со пратеничката Славјанка Петровска, која пред три дена објави дека е позитивна на коронавирусот.

– Петровска немала ризични контакти во Собранието. Во изолација ќе одат само членовите на нејзиното семејство, изјави директорот на Центарот за јавно здравје, Александар Стојанов.

Во Собранието, како што посочи тој, се почитуваат сите мерки за заштита и превенција од коронавирусот. И колегите на Петровска од пратеничката група на СДСМ велат дека се почитуваат сите мерки – носење заштитна маска, држење дистанца и оти при влез во Салата со Купола се дезинфицираат и таму се постојано со маски.

Пред Петровска да биде во изолација, собранискиот кворум беше загрозен поради отсуството на двајца пратеници и една пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ сите позитивни на ковид-19.

Од специјална кабина во македонското Собрание досега гласаше единствено пратеникот на ДУИ, поранешниот директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, Арбен Зибери, кој, како нов пратеник на ДУИ, од кабината гласаше при изборот на новата влада.

Од партиските ставови нема поместување ниту за онлајн функционирање на Собранието, а освен за онлајн седници опозицијата не се согласува ниту за комбиниран начин на работа, предлог со кој беше замислено онлајн да се вклучуваат само пратениците на кои им е одредена изолација.

Во моментов повеќе од 10 отсто од пратениците за позитивни или во самоизолација, или пак нивни блиски се заболени од ковид-19, деновиве информираше премиерот Зоран Заев.

– Мене ме плаши неотворената можност за онлајн работењето на Собранието, иако тоа функционира. Како што имам информации, иако може не се точни, досега од конституирањето на парламентот па до денес, имаме повеќе од 10 отсто заболени или во самоизолација  членови на Собранието или нивните најблиски, а допрва доаѓа крајот на есента и почетокот на зимата, рече Заев.

Актуелниот парламентарен состав, освен корона-кризата, на мака го става и најтесното парламентарно мнозинство од 62 пратеници, 46 од Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и 15 од ДУИ и еден пратеник од ДПА.

Опозиција се само 4 пратеници помалку, односно 58 пратеници од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса и Алтернатива.

Неможноста за работа и ваквиот распоред на силите сè почесто ги засилува шпекулациите за нови предвремени парламентарни избори заедно со локалните в година.     (Ј.Ц.Г)