Позитивна разврска за Грција е поставувањето на Блинкен на позицијата државен секретар на САД

42

Ентони Блинкен, како што е познато, многу добро ги познава Европа и нашиот регион и ова секако е „позитивна разврска“, рече портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот онлајн брифинг со новинарите, во однос на поставувањето на Блинкен на позицијата државен секретар во новата американска администрација и и додаде дека Грција „очекува поголемо присуство на САД во Источниот Медитеран“, јави дописничката на МИА од Атина.

На брифингот, преовладуваа темите поврзани со грчко –турските односи, а портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, истакна дека Турција со нејзините постапки има дестабилизирачка улога за сите земји од Европа.

Паралелно го повтори ставот на Дендиас дека ЕУ ѝ даде шанса на Турција, која Анкара не ја искористи и додаде дека Европски совет се обврза да ги искористи сите мерки што ги има на располагање за да ги одбрани своите интереси и интересите на земјите членки.

„Нелегалните активности на Турција и случувањата во Источниот Медитеран“ биле во фокусот на телефонскиот разговор на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во пресрет на министерскиот состанок на НАТО на 1 и 2 декември.

Папајоану објасни дека Столтенберг го информирал Дендиас за агендата на самитот, додека пак шефот на грчката дипломатија ја повторил позицијата на Атина во однос на прекршувањата на Турција.

Извор:МИА