Пожарникар кој прв влезе во автобусот, за ВЕЧЕР ја раскажа страотната несреќа :Луѓе врескаа згмечени меѓу седиштата, лазев и молев господ да извлечам што повеќе живи!

180

“Глетката беше морничава. Мирисот на свежата крв ми заплискуваше во носот, но немав време да размислувам за моите чувства. Во тој момент го молев Господ да ми даде сила за да можам да спасам колку што е можно повеќе луѓе, кои лазејќи на колена ги извлекував од згмечениот автобус” – раскажува скопски пожарникар, кој прв влегол во превртениот автобус и ги извлекувал настраданите

“Лазев на колена во смачканиот автобус и еден по еден ги извлекував повредените. Глетката беше морничава. Мирисот на свежата крв ми заплискуваше во носот, но немав време да размислувам за моите чувства. Во тој момент го молев Господ да ми даде сила за да можам да спасам колку што е можно повеќе луѓе – вака почна да ја опишува спасувачката мисија еден храбар скопски пожарникар кој несебично цело попладне заедно со другите негови колеги ги спасувал настраданите од автобусот “Дурмо турс”, кој вчера се преврте во нива покрај автопатот кај селото Ласкарци.

Скопските пожарникари на местото на трагедијата пристигнале околу 17 часот. Таму веќе имало полиција и групи на луѓе кои исто така се обидувале да им помогнат на повредените. “Автобусот беше речиси смачкан и беше невозможно да се влезе во него. Патниците беа заглавени и во многу тешка ситуација. Пискотници се слушаа од сите страни. На подот имаше реки од крв. Дел од нив беа приклештени меѓу каросеријата од автобусот, дел потиснати и меѓу столчињата. Сите беа кој од кој потешко повредени. На некои им се гледаше утробата, некои беа со отворени рани, со скршени глави, раце и нозе.

Се фокусирав на најтешко повредените, бидејќи ним им беше најмногу потребна мојата помош. На предниот дел од автобусот, мештаните извлекуваа неколку патници. Но на средината од автобусот беше најкритично. За да може полесно да се вртам извадив две од седиштата. Таму имаше заглавено една жена. Главата и висеше, целата беше облеана во крв. Наспроти неа лежеше мртов патник. Успеав некако да ја одглавам од под седиштето и да ја изнесам од автобусот. Во еден момент ми се причини како да слушнав детски плач. Почнав да го барам низ поврдените, но набрзо сфатив дека некој од повредените најверојатно во паника почнал да плаче како дете. Со натчовечки напори се трудев колку што е можно повеќе да извадиме од нив надвор од автобусот, бидејќи секунди беа во прашање.

Како ги изнесувавме од автобусот така моите колеги заедно со екипите од Брза помош ги ставаа повредените во амбулантните возила и ги транспортираа во болниците – сталожено како вистински професионалец кој досега неколкупати се соочил со вакви ситуации ја опишуваше овој пожарникар спасувачката мисија во превртениот автобус.