Пожарникарите ќе добијат зимски обувки и одела за гаснење на шумски пожар

139

Град Скопје распиша тендер со што го започна процесот за набавка на 260 пара зимски обувки за пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. – Чевлите ќе бидат со специјална спецификација и заштита (отпорни на вода, високи температури, масло)… Станува збор за редовна јавна набавка која се прави периодично, потенцираат градски власти. Командантот на Бригадата за противпожарна заштита, Владимир Симоновски, најави дека наредната година во план е набавка и на возила и вработување на уште 50 пожарникари

 

Скопските пожарникари ќе добијат зимски обувки. Град Скопје распиша тендер со што го започна процесот за набавка на 260 пара зимски обувки за пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

– Чевлите ќе бидат со специјална спецификација и заштита (отпорни на вода, високи температури, масло)… Станува збор за редовна јавна набавка која се прави периодично – потенцираат градски власти.

Од Градот не одговорија колку ќе чини оваа набавка, туку само наведоа дека цената на јавната набавка ќе се одреди преку аукција.

Инаку, избраната фирма ќе биде должна испораката на обувките да ја изврши во рок од 45 дена, сметано од денот кога ќе биде издаден налог по потпишување на договорот за јавна набавка.

– Опремата на пожарникарите се обновува во континуитет и по потреба, а во текот на годинава веќе беше набавена нова автомеханичка скала за потребите за гаснење на пожар на повисоките објекти, како и нова телекомуникациска опрема централа за БППЗ – потенцираат од Градот.

Командантот на Бригадата за противпожарна заштита, Владимир Симоновски, вели дека се набавуваат само зимски обувки, бидејќи кратките кондури, заедно со работни униформи биле набавени лани во октомври, па потоа поради пандемијата со коронавирусот се одложила набавката на зимските обувки.

– Ни недостасуваат одела за гаснење на шумски пожар и за техничка интервенција. Во Градот веќе е во тек постапка за нивна набавка. Се надевам дека до крајот на годината ќе се опремиме со сè – изјави Симоновски.

Тој најави дека наредната година во план е набавка и на возила и вработување на уште 50 пожарникари.

– Се надевам дека со ова Бригадата за противпожарна заштита ќе биде вратена во некоја нормала – смета Симоновски.

Од Градот, пак, најавија дека во план е вработување на 30 нови пожарникари во наредниот период, бидејќи тоа е бројот на луѓето кои заминаа во пензија  или заминуваат во пензија во текот на оваа година. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов неодамна изјави дека нема да дозволи да падне бројот на пожарникари под минимумот кој може да гарантира безбедност во сите делови во Скопје.

Шилегов објасни дека пожарникарите за неколку месеци ќе добијат скала за гаснење пожари во висококатници.

– Завршена е таа постапка. Со тоа за високите делови, што не беа покриени  во минатото, во изминатите 20 години никој не водел сметка за висококатниците, скалата која ја набави Градот, за која потпишавме договор и која треба да биде најдоцна до крајот на февруари идната година, пристигнува во Скопје. И сите делови на градот без оглед на височината на зградите едноставно ќе може да бидат покриени со можност за интервенција на  пожарникарите – рече Шилегов и додаде дека до пред извесен период за тоа не се размислувало и, како што рече, скопјани свесно или не, некој ги држел во сериозен ризик и за нивниот имот и за нивното здравје.

(А.П.)