Пожарникарите добија медали за храброст, потребна им е современа опрема

102

На осум пожарникари од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, кои со својата храброст и пожртвуваност придонесоа за навремено извлекување на станарите од опожарената зграда на на улица „Народен Фронт“ во Општина Кисела Вода, претседателот на државата Стево Пендаровски им додели медал за храброст и изрази надеж дека медалите ќе бидат дополнителен мотив за натамошна посветена работа и професионално дејствување.

Во пожарот што се случи на 10.јуни годинава во седумкатница спроти основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, Владимир Симоновски, Звонко Томевски, Кире Гиевски, Пепи Трајчевски, Драган Блажевски, Александар Петровски, Сашо Крстевски и Панчо Илиевски, успеаја да евакуираат седум станари од погорните катови, кои беа блокирани и нивниот живот беше доведен во опасност. Меѓу 7-те евакуирани имаше и две деца.

Претседателот Пендаровски нагласувајќи дека летово, со зголемени температури и долг сушен период имавме зголемен број пожари и постојан ангажман на пожарникарите, подвлече дека во 2018 година ТППБ на Град Скопје имала вкупно 1.264 интервенции поврзани со пожари, годинава само до 31 август имала 1.252 интервенции. Во оваа прилика, шефот на државата го спомена и ангажманот на единицата при спасувањето на настраданите при тешката сообраќајка на автобусот на „Дурмо турс“ на автопатот Скопје-Тетово, како дел од техничките интервенции на единицата што ги има стотина годишно.

Претседателот Пендаровски апелираше да не се штеди на набавката на опрема и секаде каде што е потребно да се зголеми бројот на пожарникари и да се инвестира во нивните вештини и знаења.

– Верувам дека сето ова ќе биде потсетување за значењето на противпожарните бригади и потребата од постојано инвестирање во современа опрема, модерни средства и алати неопходни за нивната работа, како и потребата од обука и тренинг на пожарникарите. Ова се однесува на сите противпожарни бригади низ целата наша држава, истакна претседателот Пендаровски.