Италијанска поетеса Клаудија Пичино е добитничка на Светската награда за поезија “Ацо Караманов“ за 2021 година, додека поетот Христо Петрески ја доби наградата „Караманов 2021“ за поезија од македонски автор. Признанието Христовски го добива со одлука на Советот на Меѓународната поетска манифестација „Караманови средби на поезијата“ во конкуренција на триесетината автори од цел свет, а кои ќе бидат застапени во антологијата на овие 48. средби.

За Клаудија Пичино селекторот, еминетниот македонски поет Борче Панов, запишал дека нејзината поезија е сублимат на една човечка димензија во која радоста и тагата, мирот и немирот се како интерференција на звучната виљушка на двесет и првиот век во кој сѐ повеќе го губиме човекот и тонеме во глувоста на отуѓувањето во сите правци на падот на една планетарна цивилизација.

“Поезијата на Клаудија Пичино не се плаши да нѐ соочи со нашите стравови, напротив таа нѐ повикува да ги прифатиме и надминеме нашите промашувања, да застанеме зад штитот на нашата чистота како хумани битија, да си ја вратиме смелоста, повторно да го почувствуваме вкусот на адреналинот, да бидеме живи, дури и со храброста на гневот и како такви да го поврземе лакот на нашето човекување со вознесот на нашата суштина на небото“, нагласува Панов

Во образложението за наградата за Петрески, се вели дека неговиот ракопис „Пергамент“ прави еден возбудлив мост што се извива од пракарпите на старото семе при што не се знае точно кој нè засеал и засадил, или пресадил, но тој точно го утврдува растежот и родот низ вековите и токму во зборот на нашите поетски великани Блаже Конески, Анте Поповски и Гане Тодоровски ја наоѓа поткрепата дека ќе раснеме и преку небиднината.

Дел од творештво на овие двајца емиенентни поети ќе биде застапено во Зборникот на 48 „Караманови средби на поезијата“ кои оваа година бележат 54 години од своето постоење

„Караманови средби“ ќе се одржат по 54 пат во периодот од 16 до 19 идниот месец. Покрај другите програмски содржини ќе бидат објавени книгите на годинашните добитници на наградата, Зборник на средбите во кои ќе бидат застапени песни од дваесетина македонски автори и триесетина поети од странство, како и книга со поезија од деца.

Лани наградата ја добија виетнамски поет Мај Ван Фан и еминентниот арапски поет Раед Анис Ал-Јиши од Саудиска Арабија