Подобро да се „одмрзнат„ платите и пензиите отколку да се „замрзнат„ цените

Мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи за експертите е задоцнета, а за бизнисот таа може уште повеќе да ја продлабочи кризата бидејќи е донесена без консултација на компаниите. И граѓаните сметаат дека истата требаше да биде донесена многу порано, а не сега кога цените на прехранбените производи отидоа до „плафон“. Сепак и тие не веруваат дека одлуката ќе има некој поголем ефект врз нивните семејни буџети, велат дека поголем ефект ќе имаше доколку се „одмрзнат„ платите и пензиите

190

Не стивнуваат реакциите во јавноста околу одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. За експертите мерката е задоцнета, а за бизнисот таа може уште повеќе да ја продлабочи кризата бидејќи е донесена без консултација на компаниите. За ваквото замрзнување да даде ефект, потребно е мерката да биде донесена со други пропатни мерки. И граѓаните сметаат дека истата требаше да биде донесена многу порано, а не сега кога цените на прехранбените производи отидоа до „плафон“. Сепак и тие не веруваат дека одлуката ќе има некој поголем ефект врз нивните семејни буџети.

– Сведоци бевме на рапиден раст на цените, кои и претходно растеа на сите цени на овие производи кои се сега замрзнати. Производите кои сега се замрзнати непосредно беа значително зголемени и се согласувам со мислењата дека оваа мерка е задоцнета. Доколку се сакаше да се спроведе замрзнувањето на производи потребно беше да се реагира побрзо, а не да се навестува, вели Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, истакнуваат дека мерката со замрзнувањето на цените е времена одлука и дека не е трајно решение за проблемот со покачувањето на цените.

– Владата интервенираше поради одредени сознанија дека цените на овие артикли ќе расте. Доаѓаат и празници, а кај нас трговците тој период го користеа за покачување на цените, па Владата навремено интервенираше од аспект на идно покачување. Тоа е за два месеци, и во тој период Владата треба да ги анализира состојбите и да увиди какви се тенденциите. Ако има потреба по тие два месеци, Владата може дополнително да интервенира со стоковите резерви, вели Марјанчо Николов од СДСМ.

Одлуката за замрзнување на цената на основните прехранбени производи од страна на Владата е донесена без консултација со претпријатијата, а дополнително може да ја продлабочи кризата. За ваквото замрзнување да даде ефект, потребно е мерката да биде донесена со други пропатни мерки.

-Прво потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите конкретно во прехранбената индустрија да се овозможи да имаат соодветна минимална цена. Тоа може да се направи преку активирање на државните стокови резерви, истакна Горан Георгиевски, потпретседател на Агро-бизнис комора.

Доколку не се постапи согласно препораките кои ги дава Агро-бизнис комората, ограничувањето на цените директно ќе предизвика ефект на „празни полици“ во снабдувачките центри насекаде низ Македонија.

Наместо за замрзнување на цените треба да се размислува за замрзнување на маржите, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените предупредуваат од комората.

-Исто така можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните, но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите, изјави Георгиевски.

И претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески алармира дека стопанството ќе се соочи со тежок период ако цените останат замрзнати подолго време бизнисите ќе се соочат со отпуштање на работници.

Дека мерката за замрзнување на цените не е популарна мерка во пазарната економија, бидејќи пазарот е тој што ги диктира цените, сметат и претседателката на Организација на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, но во овој момент е неопходна.

Според неа, за да не дојде до недостиг на одредени прехранбени производи во маркетите потребен е претходен договор помеѓу производителите и трговците.

Претседателот на Агро-бизнис комората, Огнен Оровчанец смета дека за долгорочно стабилизирање на пазарот на храна, потребно е формирање на една надлежна државна институција, а не како сега три министерствата, за здравство, земјоделство и министерството за економија, кои си ја префрлаат одговорноста, а проблемите се таложат.

И граѓаните сметаат дека одлуката за замрзнување на цените требаше да биде донесена многу порано, односно кога цените почнаа да растат, а не сега кога отидоа до „плафон“. Сепак и тие не веруваат дека одлуката ќе има некој поголем ефект врз нивните семејни буџети, велат дека подобро ќе беше доколку се „одмрзнат„ платите и пензиите.

-Поголем ефект врз животниот стандард и врз семејните буџети ќе имаше зголемувањето на платите и пензиите, а не замрзнувањето на цените. Ако ни се покачеа платите и пензиите ќе немаше потреба Владата да прави замрзни-одмрзни на цените, коментираат граѓаните.

(А.С.)