Подобра соработка на Народниот правобранител и локалната власт за поголема заштита на правата на граѓаните

72

Народниот правобранител Иџет Мемети ќе ги разгледува документите и ќе утврди дали е прекршено правото на една од институциите, градоначалникот на Куманово и Министерството за труд и социјална политика во однос на одземените ингеренции на општината за назначување директор на детската градинка.

Ова го соопшти денеска, правобранителот на трибината која се одржа во Куманово насловена „Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“ на која присуствуваше градоначланикот на Куманово, Максим Димитриевски и бројни преставници од СВР Куманово, обвинителството, затворот, установи и институции и граѓански организации.

-Каде јас да се обратам кога на мене како на градоначалник ми се одземаат одредени права. Актуелна е темата, ми беше одземена надлежност за градинката „Ангел Шајче“ поради наводно непочитување на рокови со постапка во согласност со пракса што е на сила и актуелниот директор е избран на тој начин. Сум сакал да ја повторам праксата, на министерката не и се допадна, ми вршеше притисок да го реизберам постоечкиот директор и ми ги одзема со едностран акт сите права како на градоначалник, така и на советот, рече Димитриевски.

Тој праша дали има простор да се пожали за одземените права, укажувајќи дека граѓаните му ги дале на избори и смета дека менаџирањето треба да биде поинакво во однос на досегашното. Димитриевски рече дека ќе работи согласно законот и најави дека ќе ги почитува вредните, а оние кои работат лукративно и се дел од администрацијата ќе работи да го разбие тој систем, бидејќи потенцира избран е и граѓански е должен да работи на тој план.

Оваа дискусија следеше откако претставникот на НРЦ, Ахмет Елезовски укажа на бројни проблеми со кои се соочуваат граѓаните при оставрување на своите права со претставници на општинската администрација и повика на деполитизација и департизација на системот.

Актуелната директорката на градинката, Марина Алексовска, рече дека ќе ги достави документите за постапката што е спроведена и од кои причини се одземени ингеренциите.

Народниот правобранител, Мемети рече дека ќе ги разгледа документите и ќе ја отвори постапката и дека ќе се укаже дали и кој го прекршил правото.

-Ќе го бележиме, ќе го истражиме барањето заедно со Вас и со градоначалникот и со МТСП, рече Меџити.

Тој рече дека со децентрализацијата одредени надлежности се пренесени на локално ниво, но дека централните институции имаат одредена контрола.

-Владата треба да ја следи законитоста на одредени постапки и треба да одржи посебна седница за таа работа, дали актот е спроведен низ редовна процедура.Транспарентноста е голема работа, рече Меџити

Димитриевски истакна дека граѓаните имаат инфраструктурни проблеми,особено во руралните средини но додаде дека и во Куманово се почитуваат правата на граѓаните и слободите, потсетувајќи дека во кумановскиот совет, советниците можат да користат четири јазици, македонски, албански, српски и ромски.

Меџити во однос на остварувањето на правата на граѓаните, истакна дека во Македонија се носат одлични закони, кои за жал во суштина не се применуваат и дека често се случува носителите на власта да бараат начини да ги заобиколат, граѓаните не се доволно едуцирани и дека треба повеќе да бараат оставрувања на права.

Тој додаде дека никој кај него не поднел претставка за името, за законот за јазици, за признавање на МПЦ, туку дека најбројни се барања за претставки од социјалната и економската сфера. Според него голем проблем и за институциите е немањето средства, особено во локалните средини.

Во Куманово минатата година биле поднесени над 200 претставки што го става градот на четвртото место во Македонија, според бројот на поднесени претставки.

Заменикот народен правобранител, Насер Весели, вели дека имаат солидна соработка со институциите, при оставрување на правата на граѓаните, но дека понекогаш се случува одредени предмети да се провлекуваат со години, поради непреземање мерки од страна на институциите. И тој се пожали дека нема доволно претставки од граѓаните на општините од североисточниот регион за рабоатата на локалните власти. Претседателката на советот, Атина Мургашанска, истакна дека во Куманово генерално се почитуваат правата, но рече дека секогаш може да се унапредат.

На годишно ниво во Македонија се поднесуваат од три до четири илјади претставки, од кои десет проценти се однесуваат на повреда на права на граѓани од локална власт, на урбанизмот, градежништво, комунални услуги, права од животна средина.