Поделени 3.248 килограми јаболка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“

164

По четири килограми домашни македонски јаболка денеска доби секој ученик од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Настанот се реализираше во рамките на проектот „Здрава ужинка за секој ученик“кој го спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Јаболката им ги поделија премиерот, Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорот на Платежна агенција, Никица Бачовски. При тоа поделени се 3.248 килограми јаболко, по четири килограми за секој ученик.

Во тек е дистрибуцијата на домашни македонски јаболка во сите основни училишта наменети за учениците, како здрава ужинка за нив. Во општините Струга, Битола, Охрид и Прилеп, 50 отсто веќе се поделени, а вчера се делеа и во Кочани, Куманово, Маврово и Ростуше.

Во текот на вчерашниот ден дистрибуцијата беше направена во основните училишта низ Општина Центар и Шуто Оризари, а денеска и деновиве продолжува и низ другите општини во градот Скопје, но и другите општини низ државата.

– Ова е нова програма за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи, која има неколку цели, а тоа е од една страна државата да го помогне откупот на домашните земјоделски производи, но и да се обезбеди здрава ужинка за учениците – нагласуваат од владината прес служба.

Преку оваа програма се врши откуп на повеќе од 743.000 килограми наши домашни јаболка и согласно динамиката до 15 декември се очекува успешно да заврши целата дистрибуција до секое основно училиште, до секој еден ученик.

– Ова година започнавме со откуп на јаболка и тие ќе бидат дистрибуирани до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици. Веќе за следната 2023 година, покрај јаболката ќе бидат опфатени и други видови на овошје, зеленчук, млеко и млечни производи, кои исто така ќе бидат дистрибуирани до основните училишта како здрава ужинка за секое дете – се наведува во соопштението.

Оваа година кога започнува програмата со реализација одвоени се 20 милиони денари. За 2023 година во Буџетот се одвоени 40 милиони денари, односно двојно повеќе од оваа година. Предвидени се средства во оваа програма за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи, што значи дека програмата ќе може да се реализира и надополнува.