Поддршка за новата концепција дадоа и дел од граѓанските организации: Освен научната, важна е и воспитната компонента

95

„Оние ученици кои не сакаат да полагаат државна матура имаат можност да изберат училишна матура или стручен испит и може да полагаат токму тоа што го бараат матурантите – два предмета и проектна задача, но за да може да се продолжи во високо образование потребно е да се полага државната матура“, повтори министерката за образование Мила Царовска, во врска со бојкотот на наставата кој матурантите го продолжуваат и понатаму.

– Матурата е законска обврска за сите што сакаат да продолжат во високо образование, истакна Царовска. Како што е познато мнозинство матуранти од почетокот на второто полугодие ја бојкотираат наставата, бидејќи не се прифатени нивните барања да се скратат предметите за државната матура.

Инаку, минстерката Царовска по средбата со претставниците на граѓанските организации, а посветена на предложената нацрт-концепција за основното образование, изјави дека добила недвосмислена поддршка за истата бидејќи таа е ориентирана кон граѓанските вредности, кои се и европски, но и дека се базира на мултикултура, родова рамноправност и инклузивност. Како што рече Царовска, дел од граѓанските организации дале коментари, но и посочиле како да се вклучат во нејзината имплементација.

Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Маргини“, организација која работи на полето на образованието од аспект на недескриминација и ненасилство, посочи дека години наназад е зборувано дека училиштата се небезбедни средини за голем број млади луѓе. „Освен научниот карактер, важна е и воспитната компонента, бидејќи според Светска банка, детето поминува 1.000 часови во цела година во училиште. Затоа училиштето мора да биде безбедна средина, која ќе овозможи раст и развој на целокупниот личен потенцијал на секое дете, и ќе учествува во градењето на неговите демократски капацитети, вредности и ставови. Ја поддржуваме новата концепција, бидејќи таа во својата основа ги става овие принципи и вредности“, рече Цветковиќ истакнувајќи дека е важно овие реформи реално да заживеат во училиштата.

И Бранимир Јовановски, од „Мобилност Македонија“, ја поздрави дебата, посочувајќи дека и со Конвенцијата на ОН треба да бидат консултирани луѓето со попречености. „Образованието е на високо скалило на приоритети на лицата со попреченост. Тоа е единствен начин, преку стекнувањето на знаења и вештини, овие лица да дојдат полесно до работа и обезбедување на егзистенција за себе и своите семејства и добробит за целото општество. Ги прочитавме во концепцијата сите предуслови кои треба да се остварат за да зборуваме за едно инклузивно образование, а тие се пристапност до објектите во кои се изведува настава од основното образование (пристапни рампи, лифтови и пристапни санитарни јазли), потоа набавка на Брајева тастатура на читачи на екран за учениците со оштетен вид, користење на асистенти во наставата кои го знаат говорниот јазик за учениците со оштетен слух, како и адаптација материјали за лица со попреченост во интелектуалниот развој“, рече Јовановски.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, пак, изјави дека во образовниот процес важно е младите да се запознаваат и да ги запознаваат карактеристиките на етничките заедници. Таа додаде дека со она што го нуди концепцијата ќе се намали процентот на насилство.