Поддршката во вториот круг ќе биде клучна за победа

Слабата излезност ги загрижи големите партии... Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе бијат жестоки битки за Скопје, Битола, Ресен, Охрид, Кочани, Кратово, Пробиштип, Пехчево, Радовиш, Гевгелија... Но, слабата излезност, која во првиот круг беше само 51,5 проценти, ги натера лидерите Заев и Мицкоски да побараат поддршка за своите кандидати и да се обидат да ги мобилизираат граѓаните што помасовно да излезат во вториот круг. СДСМ ја потврди поддршката од коалициските партнери, а ВМРО-ДПМНЕ ја повика Левица и останатите опозициски партии да формираат опозициски фронт за да ја дотолчат владината коалиција

528

Најмалата излезност на локалните избори од независноста на државата, која во првиот круг беше само 51,5 проценти, ги загрижи лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, па Заев и Мицкоски се во потрага по поддршка за своите кандидати и повикуваат на мобилизација пред вториот круг на 31 октомври.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со писмо до членството апелира за мобилизација и обединување, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на здружена опозиција. СДСМ во вториот круг има вкупно 32 кандидати во општините и Град Скопје, додека ВМРО-ДПМНЕ има кандидати во 28 општини, а ќе ја поддржи и независната кандидатка Данела Арсовска, која во вториот круг ќе се бори за главниот град со кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, министерот за правда Бојан Маричиќ, на ТВ24 рече дека владејачката партија ќе наметне поголема контрола над своите градоначалници и дека функционерите ќе мора да бидат подостапни за граѓаните. Неговата изјава следува по првиот круг од локалните избори во кои неговата партија загуби голем број гласови во однос на претходните од 2017, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои голем број клучни општини уште во неделата.

„Ова е порака на гласачите и граѓаните на прогресивната опција, ние таа порака ја сфативме многу јасно. За нас е важно да останеме обединети за да се движиме напред. Назад се враќаме само за да ги научиме лекциите. Граѓаните сакаат да одат побргу реформите и функционерите да работат на повеќе нивоа. Има на кои гласови да сметаме во вториот круг, затоа што ние загубивме, ВМРО-ДПМНЕ не доби. Да ги посетиме заборавените и да се извиниме“, рече Маричиќ и додаде дека кога станува збор за Град Скопје, очекува во вториот круг поддршка од сите „зелени“ за Петре Шилегов.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, истакна дека е јасна пораката од народот и оти мора да постапуваат по неа. Заев посочи дека се подготвени да испорачаат подобри резултати со многу повисок интензитет на промени.

„Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас“, вели Заев.

Фокусот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе биде насочен кон победа во Град Скопје на независната кандидатка Данела Арсовска, како и победа на кандидатите од коалицијата „За обнова на Македонија“ низ земјава.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи дека по вториот круг природно ќе се наметне темата за ново парламентарно мнозинство на коешто неговата партија работела пред изборите.

„Немаме никаква дилема дека ВМРО-ДПМНЕ е победник заедно со коалицијата „За обнова на Македонија“ и како коалиција очекуваме да формираме ново парламентарно мнозинство. Ќе ги започнеме тие разговори веднаш по завршување на локалните избори“, најави Мицкоски.

Во првиот круг од локалните избори избрани се 34 градоначалници во општините. ВМРО-ДПМНЕ победи во 22 општини, СДСМ во девет, а ДУИ во три.

Во вториот круг двете најголеми партии ќе бијат жестоки битки за Скопје, Битола, Ресен, Охрид, Кочани, Кратово, Пробиштип, Пехчево, Радовиш, Гевгелија…

СДСМ во вториот круг ја осигури поддршката од повеќето коалициски партнери: Движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, што може да им биде од голема полза во битката за Битола, каде што лидерот на ЛДП, Горан Милевски, освои 3.343 гласови во првиот круг, потоа од  Беса и ДПА, Партијата за општествен и економски напредок „ПОЕН“ на проф. д-р Рубин Земон, ПЦЕР и Сојуз на Ромите од Македонија, Демократски сојуз, Партија на пензионери, Демократски сојуз на Власите и Демократската Партија на Турците.

ВМРО-ДПМНЕ ги повика Левица и сите опозициски партии да се обединат во опозициски фронт и да излезат масовно во вториот круг на 31 октомври, за да ја запечатат желбата на огромното мнозинство граѓани кои сакаат промени и поубава иднина.

(И.С.)