Подготовките за 58. издание во завршна фаза: СВП освен на македонски и англиски, со пренос и на албански и француски

174

Струшките вечери на поезијата ќе ја подигаат јазичната комуникација на фестивалот со што главните фестивалски читања ќе вклучуваат повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, од ова издание ќе се користи и албански и француски јазик.

„Истовремено користењето на македонскиот и на албанскиот јазик е во корелација со владините јазични политики, со законот за јазици и во духот на новата стратегија за едно општество и интеркултурализам. Република Северна Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата и токму затоа имаме намера на СВП да го негуваме и францускиот јазик“, соопштуваат од поетската манифестација од каде дополнуваат дека „фестивалот е светски, но и струшки, фестивал со кој стружани со право се гордеат и го поддржуваат“.

За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, оттаму велат дека освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и live streaming на официјален Youtube канал.

Инаку, покрај добитничката на Златниот венец, познатата романска поетеса Ана Бландијана, како и добитничката на наградата „Мостови на Струга“, младата хрватска поетеса Моника Херцег, свое присуство на 58. издание на Струшките вечери на поезијата потврдиле и над 30 поканети странски поети од различни земји меѓу кои истакнатиот шпански поет и раскажувач Рафаел Солер, еден од позначајните поети од Индија Сачиданандан, поетесата Миа Лекомт од Италија, еден од најистакнатите современи унгарски поети Иштван Кемењ, како и Јоргос Јанопулос од Грција. На фестивалот ќе бидат претставени и најреномираните поети од нашата земја од различни генерации, како и поетите што ќе влезат во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“.

Информирајќи за завршните подготовки за овогодишното издание, од манифестацијата соопштија дека освен луксузната монографија за добитничката на Златниот венец, во завршна фаза се и книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ во превод на англиски јазик, четирите буклети на поетите во рамки на платформата Версополис, но и тематската антологија во која ќе бидат претставени најреномираните македонски поети.