Во сабота, 30 април, во 21 часот и 28 минути ќе не пречека младата Месечина во Бик и Затемнувањето на Сонцето, на 10-тиот степен на тој знак. Можеме да го наречеме необично, најмногу поради тоа што Уран ќе биде вклучен во приказната како симбол на будење, на начин што добро ги размрдува работите за да се види и почувствува.

Бикот е земјен знак, втемелен, закотвен на познатото, чувар е на стекнатите вредности и не сака да прави нагли промени. Неговите главни теми се парите, чувството за лична вредност, сето она што ни дава чувство на сигурност и стабилност, нешто за кое може да се „фатиме“ кога животот станува прекомплициран.

Затоа, во следниве месеци можеме да очекуваме промени и поместувања на овие полиња од животот, а бидејќи е таму Уран, околностите ќе се развиваат во насока која можеби не ја очекувавме, сѐ ќе оди напред.

Ние го садиме семето на нешто ново. Затоа е добро да имаме намера, јасна намера за тоа што сакаме да постигнеме. Иницирајте и дозволете околностите да се развијат, ако е можно без непотребна контрола. Уран секогаш има некои оригинални идеи, нека нѐ води на најдобар начин.

Добро е да се има доверба во процесот што ќе се одвива. Имено, она што го сакаме понекогаш не е она што ни е потребно. Затоа, пуштете да се случуваат нештата и кога не одат според планираното, но и кога се одвиваат во посакуваната насока. Пуштете и оставете ги сите очекувања, но не и намерите. Бидете будни и присутни.

Ова Затемнување може да ни донесе некои нови чекори, нов еволутивен циклус, интересни сознанија, решение на проблеми каде што најмалку очекуваме.

Бидете свесни за вашите доблести, убавина, можности, знаење и таленти и не задоволувајте се со помалку од она што го заслужувате.

Владетелот на ова Затемнување е Венера и таа ќе се најде во близок контакт со Јупитер во последната фаза на Риби. Овој аспект е симбол на просперитет, благодарност, дарежливост, оптимизам, исцелителна љубов и средби кои ќе ни ги разубават деновите.

Дури и ако промените низ кои поминуваме се тешки, па дури и шокантни, останете смирени. Сè ќе се одвива со причина. Обично сме шокирани од нешто што не сме сакале да го видиме, или не сме го виделе добро. И сега наеднаш ни станува јасно.

Доаѓа будење кое ќе не одведе низ некои разделби, но и спојувања. Се одвојуваме само од она што не е наше, а ако го следиме овој процес ни доаѓаат нови и уште подобри можности.

И обидете се преку телото, преку тоа чувство што ќе се појави во телото, да го протолкувате сето она што ќе го доживеете во наредните месеци, се до следното Затемнување на крајот на октомври. Тоа ќе биде најдобриот детектор на околностите, вашиот внатрешен водич.

Универзумот ви испраќа покана за важна промена, пресврт. Да почнеме во согласност со можностите.