ПОДГОТВЕН ТЕРЕНОТ ЗА “СЕВЕРНА” – Република Македонија прва замина од Влада

103

Се очекуваше Атина уште вчера да испрати вербална нота до Скопје, со која ќе информира дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, но до затварањето на весникот македонското министерство за надворешни работи се уште немаше информација

Владината зграда вчера остана без натписот “Република Македонија”, со што се подготви теренот за натпис со новото уставно име – Република Северна Македонија, кое треба да се закачи на фасадата откако во “Службен весник” ќе се објави дека уставните измени стапуваат на сила бидејќи Грција ги ратификувала Протоколот за членството на земјава во НАТО и Договорот од Преспа.

По добивањето на Вербалната нота со која Атина ќе го информира Скопје дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, и исполнувањето на сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, Република Македонија заминува во историјата. Според најавите на алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, се очекуваше Атина уште вчера да испрати вербална нота до Скопје, но до затварањето на весникот македонското министерство се уште немаше информација.

Освен пред Владата, и пред Собранието, Резиденцијата на претседателот, сите министерства, државни институции ќе бидат поставени табли со новото име „Република Северна Македонија”. Таблите ќе бидат двојазични или тројазични, односно името на државата ќе биде напишано на македонски, албански, а некаде и на англиски јазик, се тоа откако во Службен весник ќе биде објавен датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон, по што

Република Северна Македонија и Република Грција ќе достават заедничко писмо до генералниот секретар на ООН, со кое го информираат генсекот Антонио Гутереш за датумот на влегување во сила на конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји.

Потоа за промената на името ќе бидат информирани и Секретаријатот на ООН, земјите членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации.

Најавите беа дека граничниот премин „Богородица” кон Грција ќе биде првиот каде ќе биде поставена гранична табла со новото име. Тоа се очекуваше да се случи вчера, поради што голем број на новинарски екипи од Македонија и од Грција беа на граничниот премин, но до затворањето на весникот, таблите не беа сменети.

Во меѓувреме, Владата веќе формира интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности, а во рок до седум дена државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата – Република Северна Македонија.

Од Владата не очекуваат проблеми од државните институции при користењето на новото име на државата.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што изјави минатата недела владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Албанците се 20 проценти на државно ниво.

Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.

Грчките медиуми ја објавија веста пренесена од нашите медиуми дека се подготвени таблите со новото име.

– Новите официјални табли во Скопје со името Република Северна Македонија се отпечатени и подготвени да се постават во земјата, пишува „Катимерини”.

Знамето на НАТО од денеска ќе се виори пред Влада

Денеска пред платото на Владата ќе се одржи свечена церемонија по повод подигнување на знамето на НАТО пред Владата на Република Македонија која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија.

Од владината прес-служба најавија дека церемонијата ќе започне во 11 часот.

По тој повод, премиерот Зоран Заев, ќе има свое обраќање пред платото на Владата.

Владата вчера имаше “проба” на церемонијата за поставување на знамето на НАТО. Пред влезот на Владата беа наредени столчиња, а присутни беа повеќе лица во униформи.

 

Фото: S. Плавевски