Мал погон во Влае каде се топи пластика веќе три години ги труе жителите од улицата „Петар Чајковски“. Тие се жалат дека од погонот се шири смрдеа, особено наутро и се плашат дека загадениот воздух кој го вдишуваат им штети на здравјето, особено на помалите деца.

– Миризбата доаѓа од складиштето за топење на пластика која се наоѓа позади магацинот за метални сталажи. Во близина живеат многу семејства со мали деца, за нив тоа е болест, им пречи и им штети на нивното здравје. Тоа не е во ред и за нас повозрасните. Никој ништо не презема – изјави за весникот „Вечер“ еден од жителите кој сакаше да остане анонимен.

Тој раскажа дека нивна сосетка, минатата година за овој случај поднела пријава до општина Карпош, но од таму до сега нема никаков одговор и никој не презел ништо. Жителите се подготвуваат да соберат потписи за поднесување петиција до надлежните за да се дислоцира складиштето.

Од Општина Карпош велат дека досега немаат добиено никаква пријава за ширење на смрдеа од посоченото складиште одговорноста ја префрлаат на градските власти.

– Најверојатно се мисли на складот за преработка на пластика „Грин Тек“ што се наоѓа на улицата „Марк Твен“, а законска надлежност за постапување ја има Град Скопје – велат од Општината.

Од таму додаваат дека поради честите палења на различни материи и појава на смрдеа во воздухот, ги зачестиле контролите кои ги спроведуваат и по 15:30 часот.
– Станува збор за дежурна служба на локалната самоуправа, која по пријава на телефонскиот број 078/257-640, излегува на терен и го лоцира проблемот.
Во соработка со МВР и Службата за противпожарната заштита на Град Скопје, палењето на оган успешно се гасне. Овој дежурен телефонски број, граѓаните може да го користат до 23:30 часот, а потоа секакво палење и смрдеа кое ќе го забележат, можат да ги пријават на телефонската линија 193 кај противпожарните служби – информираат од локалната самоуправа.

Од општината велат дека ги преземаат сите потребни мерки за заштита на животната околина и намалување на присуството на опасните честички во воздухот, особено во наредниот период кога и се очекува зголемување на истите.

Од Град Скопје ни рекоа дека до нивниот Инспекторат не е пристигната претставка во врска со посочениот проблем.

– По добивањето на оваа информација, Инспекторатот на Град Скопје веднаш ќе излезе на терен на посочената локација и правниот субјект ќе биде предмет на вонреден инспекциски надзор од страна на инспектори за животна средина – кусо одговорија од градските власти.