Погодени и македонските граѓани: Санкциите кон Русија – проблем за родените таму да отворат трансакциска сметка во банка?

Композиторот Миодраг Неќак објави на Фејсбук дека кога побарал отворање трансакциска сметка во филијалата на Шпаркасе банка во Битола, службеничката го одбила со образложение дека местото на раѓање му е Санкт Петербург, Русија. Од Шпаркасе банка демантираат и велат дека нема пречки за отворање сметка, но потребно е дополнително време за двојна верификација на податоците, што го развлекува процесот најдоцна до наредниот ден

151

Санкциите кон Русија поради воениот конфликт со Украина, кон кои се приклучи и Македонија, им создаваат главоболки и на обичните граѓани.

Тоа што местото на раѓање му е во Русија, за службеничка во банка било сигнал дека не треба да му отвори трансакциска сметка на клиент. Се работи за македонскиот композитор Миодраг Неќак, кој на Фејсбук ја објаснува целата ситуација што ја доживеал во експозитура на Шпаркасе банка во Битола.

Неќак појаснува дека кога побарал отворање трансакциска сметка во филијалата на Шпаркасе банка во Битола, целата процедура течела регуларно сè до моментот кога службеничката видела дека неговото место на раѓање е рускиот град Санкт Петербург.

– Шпаркасе филијала БИТОЛА. Денес се обратив за трансакциска сметка за физичко лице. Шпаркасе експозитура БИТОЛА. Госпоѓата, госпоѓицата, ми ги образложи условите. Ги прифатив. Ја започна постапката. Стигна до местото на раѓање. Санкт Петербург – Русија. „Се извинувам, сега го забележав местото на раѓање. Не смеам да Ви отворам сметка бидејќи Вашето место на раѓање е Русија”. Ми ја врати личната карта и со нетрпение чекаше да ја напуштам банката. Шпаркасе филијала БИТОЛА – пишува Неќак на Фејсбук.

Инаку, тој, како што појаснува за медиумите, роден е во Русија затоа што татко му бил таму на студии. Во Русија живеел додека наполнил 3-4 години, односно додека татко му не го завршил факултетот.

Од Шпаркасе банка за весникот ВЕЧЕР велат дека немаат забрана за стапување во деловен однос според местото на раѓање, но потребно е дополнително време за верификација на податоците, што, сепак, не го одолговлекува многу процесот на отворање трансакциска сметка.

– Согласно со интерните процедури на Банката, Банката нема забрана за стапување во деловен однос според местото на раѓање и Банката, за сите клиенти подеднакво, постапува согласно со законската регулатива, како и согласно со стандардите на Групацијата на која ѝ припаѓа кога воспоставува деловен однос со клиент. Согласно со процедурата за отворање трансакциска сметка, потребно е дополнително време за верификација на личните податоци, што во пракса подразбира отворање на сметката во текот на работниот ден или најдоцна наредниот работен ден – стои во писмениот одговор од Шпаркасе банка што го доби весникот ВЕЧЕР.

Од Банката дополнуваат дека и Миодраг Неќак бил информиран дека е потребно повеќе време за двојна верификација на податоците.

– Во конкретниот случај, клиентот бил информиран дека е потребно дополнително време за двојна верификација на личните податоци, но истото се решава во текот на работниот ден или најдоцна наредниот работен ден – велат од Шпаркасе банка.

Останува прашањето дали композиторот, сепак, успеал да отвори сметка. Побаравме одговор од Неќак, но не добивме до затворањето на весникот.