Првиот рекет на АТП листата, Србинот Новак Ѓоковиќ, би можел да биде отсутен од теренот подолго отколку што се очекуваше, објави новинарот на „Њујорк тајмс“, Кристофер Клери.

Клери напиша дека повредата на левото рамо на Новак е потешка од првично утврдената и дека е неопходна операција.

Ѓоковиќ е елиминиран во осминафиналето на САД Опен откако го предаде мечот во дуелот против Станислас Вавринка. Дури и пред тој натпревар, Србинот се жалеше на повреда на левото рамо, која за првпат ја почувствувал на мастерсот во Синсинати.

Ѓоковиќ во моментов е во Швајцарија каде го лекува повреденото рамо.

Српскиот ас неодамна изјави дека очекува да се врати на терените до крајот на сезоната и планира да се натпреварува на турнири во Токио, Шангај и Париз, како и на последниот Мастерс куп и Дејвис купот, но по оваа изјава на Клери неговите настапи се под знак прашалник.