Повратот на ДДВ најголем досега, а буџетските приходи од него во минус

Во првото полугодие од годинава извршен е поврат на ДДВ од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра. Тоа е за шест проценти, или за 10,7 милиони евра, повеќе отколку во истиот период лани. Во април приходите од ДДВ паднаа за 43,5 отсто, а во мај за 33 отсто, додека во јуни падот е само 7,5 отсто

69

Буџетските приходи од данокот на додадена вредност поради економската криза потфрлаат, но повратот на оваа давачка кон фирмите кои го плаќаат расте. Според министерката за финансии Нина Ангеловска во првото полугодие од годинава извршен е поврат на ДДВ од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра. Тоа е за шест проценти, или за 10,7 милиони евра повеќе отколку во истиот период лани.

-Ова е највисок поврат на ДДВ за овој период во однос на изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид кризата предизвикана од ковид-19, оценува Министерството за финансии.

Причина за забрзаното темпо на поврат на ДДВ кон компаниите е тоа што сега, во услови на криза, со тоа може да се помогне за подобрување на ликвидноста на стопанството.

Па така, повратот во ова прво полугодие е поголем не само од лани, туку и од двете години претходно. Во првото полугодие од 2018 година државата во стопанството од ДДВ внела за 26 проценти помалку средства од сега, додека пак во споредба со 2017 година годинава повратот е повисок за 44 проценти. Податоците покажуваат дека лани фирмите добија поврат на ДДВ од 402 милиона евра или за 7,5 отсто  повеќе отколку во 2018 година и дури за 44 насто повеќе во однос на 2016 година.

Министерката Ангеловска вели дека приоритет за Министерството е да ги сервисира сите свои обврски редовно и навремено, вклучувајќи го и повратот на ДДВ.

-Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови: вработените да земат плата, социјално загрозените навремено да ги добијат своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските корисници, да нема заостанати обврски, а повратот на ДДВ кон фирмите да биде навремен. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња, рече Ангеловска деновиве при презентација на реализацијата на буџетот.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, пак, посочува дека добрата соработка со компаниите и навремениот, неселективен поврат на ДДВ се исклучително важни во креирањето развојна економија.

Од пред една година преку проектот МојДДВ поврат на 15 отсто од оваа платена давачка имаат и граѓаните, кои ги скенираат фискалните сметки. Од минатиот месец за домашните производи се враќаат 20 проценти од ДДВ на фискалната сметка, а за увозните 10 проценти.

За разлика од повратот, буџетскиот приходи од ДДВ од април наваму се во пад, кој според Ангеловска сè уште го има, но се намалува, што според неа е позитивно движење. Во април приходите од ДДВ паднаа за 43,5 отсто, а во мај за 33 отсто. Во јуни падот е само 7,5 отсто. Се проценува дека ублажувањето на јунското намалување на падот на приходите од ДДВ меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поддршка на личната потрошувачка.

(С.В.)