Повлечи-потегни, недовршениот споменик на Мајка Тереза дреме и чека?!

445

Спорниот споменик на Мајка Тереза на плоштадот Македонија, повеќе од една година чека пренамена откако Владата одлучи да не го урива со образложение дека уривањето е – поскапа опција?! Од Министерството за култура тогаш посочија дека ќе се распише конкурс за ново идејно решение на споменикот кој е недовршен и ја нагрдува околината. Конечно, тоа ќе се случи во наредниот период, најавија одговорните од ресорното Министерство.

“Во годишниот План за јавни набавки на Министерството за култура за 2020 е предвидена јавна набавка за избор на идејно архитектонско решение за пренамена на објект со скулптурална композиција во Скопје, кое ќе заврши со доделување на награди. Според тоа во мај 2020 е предвидена јавна набавка на основниот проект за измени во тек на градба“, велат за весникот “Вечер“ од Министерството за култура. Одлуката е донесена и покрај елаборатите на работната група за ревизија на проектот „Скопје 2014“ при Министерството за култура, предводена од професорот Мирослав Грчев.

“Тоа е гротеска од објект, а не споменик и треба да се урне, а одлуката на Владата да се пренамени е апсолутно погрешна”, изјави за весникот Вечер пред точно една година архитектот и претседател на работната група Мирослав Грчев.  Споменикот на Мајка Тереза, дел од проектот “Скопје 2014”, кој остана недовршен, според Грчев, ги прекршува сите можни Закони и не постои оправдување тој да остане во ист или променет облик на сегашното место во центарот на Скопје.

“Мислењето на работната група е ставено во елаборатот со сите аргументи. Овој објект кој се наоѓа среде улица го прекршува и Законот за градба и Законот за патишта и Законот за просторно и урбанистичко планирање… Всушност не постои Закон кој овој објект, дивоградба не го прекршува и затоа неговата изградба претставува кривично дело”, изјави Грчев за весникот Вечер. Тој посочи и дека објектот е навреда за сите и никако не ја отсликува скромноста на Мајка Тереза.

Во однос на тогашното образложение дека е поевтино да се пренамени, Грчев со став: “Аргументот дека е поскапо да се урне отколку да се пренамени е лажен, бидејќи колку што ми е познато не е направен елаборат колку би чинело негово уривање. Не знам како некој можел да ѝ пласира таква информација на Владата, и со тоа ја местел да донесе таква апсолутно погрешна одлука. Тврдам дека уривањето не е поскапо”, изјави тогаш Грчев.

Од Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов вчера до затворањето на весникот не добивме официјален став по ова прашање, но од претходните изјави неговата опција е уривање на објектот со цел улицата “Орце Николов“, која сега е узурпирана, да стане проодна.