Ќе значи ли најавената оставка на Зоран Заев застој на започнатите  процеси во решавањето на спорот со Бугарија,  ќе биде ли пречка на ЕУ интегративниот пат на Македонија….? Многу отворени прашања и дилеми, откако по неделните избори се случи големо рекомпонирање на политичката сцена на локално ниво во земјава. Дополнителна загриженост кај лидерите од регионот предизвика и вчерашната најава  дека на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград, нема да присуствува македонскиот премиер туку вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.

Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, во негов стил изрази жалење што Владата на Заев не можела да најде заеднички јазик со Бугарија, што ќе ѝ овозможи на земјата почеток на преговорите за членство во ЕУ. Преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ не се ни започнати, бидејќи односите меѓу Софија и Скопје се замрзнати, додаде Каракачанов. Сè можеше да биде многу поедноставно доколку Заев и неговата влада се трудеа да ги исполнат условите предвидени во Договорот за добрососедство, констатира бугарскиот политичар и додаде дека на тој начин веќе би биле во тек преговорите со ЕУ, смета Каракачанов.

-Се разбира, не можеме а да не бидеме загрижени за победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Тоа се оние кои зборуваа за потребата од раскинување на договорот, за обновувањето на натписите на спомениците кои ја карактеризираат нашата земја како фашистички окупатор и кои повикаа на општа дипломатска офанзива на ЕУ против Бугарија, заклучи Каракачанов.

Поранешниот српски министер за одбрана, Драган Шутановац, за „Блиц“ вели дека заминувањето на Заев е лошо за државата што ја водеше, но и за целиот регион.

-Иако на прв поглед се чини дека оставката на Заев е политички добредојдена бидејќи оставки на оваа област не се поднесуваат и по изгубените војни, сепак мислам дека оставката е многукратно полоша за Северна Македонија и за македонското општество, воопшто, и за целиот регион. Заев е човек кој успеа да го реши деценискиот конфликт меѓу Скопје и Атина, да ја отвори вратата за полноправно членство во НАТО, да развие добрососедски односи во регионот и конечно да биде стабилен партнер на исклучително вредниот Отворен Балкан (Мал Шенген) проект – потсетува Шутановац. За жал, поради односот на Бугарија, но и поради индолентниот однос на ЕУ кон „македонското“ прашање, неговата влада, додава тој, доживеала неколку нокаути пред конечно да биде нокаутирана.

Загриженост покажаа и Грците. -Оставката на Зоран Заев ја менува равенката, бидејќи неговото присуство одигра симболична, но и суштинска улога во спроведувањето на Преспанскиот договор, пишува грчки „Катимерини“, додавајќи дека може да се очекува развивање на сложена ситуација во Македонија. Во анализата на грчкиот весник се истакнува дека на владината коалиција ѝ е зададен тежок удар, како и дека со нејзиниот опстанок може да се задржи и позитивната перспектива за Македонија.

„Катимерини“ смета дека владината коалиција ќе биде ранлива, а заминувањето на Заев ќе го отежне управувањето со ситуацијата. Токму затоа, се додава дека Атина мора да испрати порака оти во целост ќе го поддржи Преспанскиот договор.

Оставката на Зоран Заев е лоша вест за Брисел, анализира германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Весникот прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада.

-Поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот. Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот“, пишува ФАЦ. „Заев фрли сè на европската карта. Тоа што неговата партија на локалните избори доживеа тежок пораз има врска и со лошото локално раководење- соговорник од Скопје зборува за ‘комбинација на неспособност и ароганција’.  Но поразот не може да се гледа само низ призмата на лошата локална политика. Тој е дел од еден поширок развој. Доколку ЕУ ги исполнеше ветувањата кон Заев, и Северна Македонија ги започнеше преговорите за членство, атмосферата во земјата веројатно ќе беше поинаква.”