Повлекувањето на Естонија и Летонија од „Група 17+1“

49

Примерот на Литванија, која во мај 2021 година се повлече од договорот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, позната како „Група 17+1“, деновиве решија да го следат и Естонија и Летонија. Како формална причина за ваквата одлука на Талин и Рига беа наведени „засилениот кинески воен притисок врз Тајван“, кого Пекинг го смета за своја одметнатата територија, но и зајакнувањето на врските на Кина со Русија во услови на руската воена агресија на Украина.

Министерството за надворешни работи на Летонија соопшти дека ваквата одлука е донесена,  бидејќи континуираното учество на земјата во „Групата“ повеќе не е во согласност со нејзините стратешки цели во услови на сегашната случувања на меѓународна сцена. Естонското Министерство за надворешни работи, пак, информира дека Естонија ќе продолжи да работи на „конструктивни и прагматични односи со Кина“, што ќе вклучува унапредување на односите меѓу ЕУ и Пекинг „во согласност со меѓународниот поредок заснован на правила и почитување на вредностите како што се човековите права“.

Кинеската мисија во Европската унија досега не ги коментираше ваквите најави на Естонија и Летонија.

Според професорката по администрација и право на Универзитетот Корнел, Сара Крепс со ваквите одлуки Естонија и Летонија сакаат јасно да се позиционираат во еден блок, слично како во време на Студената војна.

– Двете земји се обидуваат многу јасно да сигнализираат дека се во продемократскиот блок и дека не сакаат да бидат поистоветени со држави кои се смета дека се противат на демократијата. Тие размислуваат за начините како да ја искажат својата лојалност (кон САД и западни сојузници)…, кои би го запомниле тоа и ако биде потребно ќе се погрижат да ги наградат со силна одбрана, смета Крепс.

Со ова форматот за соработка на Кина со земјите од Централна и Источна Европа од првината „Група 17+1“, станува „14+1“. Форматот на соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа главно е од трговска, економска и инвестициска природа, но истовремено опфаќа и прашања за односите од областа на културата, туризмот, науката и образованието. Групата беше формирана во Будимпешта во 2012 година со цел проширување на економската соработка меѓу Кина и 16 држави од Централна и Источна Европа – 11 членки на ЕУ – Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Чешка, како и пет земји од Западниот Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Во 2019 година кон форматот се приклучи и Грција, со што Групата стана „17+1“.

Литванија прва одлучи да се повлече од Групата за соработка во Кина уште минатата година по отворањето канцеларија на Тајван во Вилнус и со образложение дека досегашната соработката со Пекинг „не ги исполнува очекувањата“. Ваквата постапка наиде на остра реакција на Пекинг, кој ја обвини Литванија за непочитување на политиката на „Една Кина“ и за мешање во внатрешните работи и за повреда на кинескиот суверенитет. Дополнително, литванска делегација предводена од заменик-министерот за транспорт Агне Ваициукевичиуте неодамна го посети Тајван. Ова наиде на нова реакција од Пекинг, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин најави дека Кина „ќе дејствува решително како одговор на огромната провокација на одредени поединци во Литванија“. Ванг додаде дека постапката на Литванија претставува „голо предавство“ на ветувањето на Вилнус за почитување на политиката на „Една Кина“.

Како превенција и во обид да ги подобри врските влошени по руската инвазија на Украина и тврдењата за наводна поддршка на Кина за територијалните претензии на Москва, Пекинг уште во април годинава во регионот ја испрати својата специјална пратеничка за земјите од Централна и Источна Европа, Хуо Јужен, со задача да се обиде да ги поправи врските со државите опфатени со форматот за соработка.

Дополнително, минатиот месец Пекинг беше домаќин на средба со 11 земји од регионот, а Унгарија се понуди да организира министерски состанок во Будимпешта во текот на оваа година за да се одбележи десетгодишнината од лансирањето на Групата за соработка. Но, и покрај ваквиот обид, Кина засега не најави одржување на нов годишен самит со лидерите на земјите од регионот, на кој би присуствувале кинескиот претседател Си Џинпинг или премиерот Ли Кечијанг.

На „Групата 17+1“, односно сега „14+1“, на Западот се гледа како на обид на Кина за засилување на влијанието во земјите од Централна и Источна Европа, насочено пред се кон поголемите држави како Полска и Романија, преку економски средства и инвестиции, на што би се надоврзало и дипломатското влијание на Пекинг.

Во рамки на ова Иницијатива во балканските земји се реализирани или се реализираат над 130 инфраструктурни проекти, вредни околу 36  милијарди долари, како што се изградба на нови патишта, автопатишта, мостови, железнички пруги…

Во земјава кинески инвестиции се автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, а освен овие проекти во последниве две децении преку разни грантови искористени се и околу 30 милиони евра неповратни средства од Кина.

Според експертот за стратегиски работи и предавач на Европскиот институт во Ница, Јоргос Тозукопулос, по почетниот наплив на Кина на Балканот, Европската Унија последниве години се обидува да се врати на балканскиот простор.

– Европската комисија последните години воведе скрининг механизам за земјите и за сите проекти што ги преземаат и тие прво треба да се консултираат со Европската комисија. Од тој аспект и придобивките за земјите од Балканот се различни, па доколку тие се членки на ЕУ секоја инвестиција мора да се усогласи со интересите на Брисел. Земјите од Западниог Балкан, кои не се дел од ЕУ, се послободни во изборот и можат да склучат договори со кинески компании, вели Тозукопулос, додавајќи дека и Планот на ЕУ за Западниот Балкан, всушност е обид на Брисел за спротивставување на зголеменото кинеско влијание во Европа.

Во анализата „Помошта на Кина во Западен Балкан: Поддршка на развојот, поткопување на доброто владеење“ на платформата „Набљудувачи на Кина во Централна и Источна Европа“ и прашкото „Здружение за меѓународни односи“ (АМО), се оценува дека Кина има долга традиција на користење на помошта за развој како алатка за постигнување на сопствените цели во надворешната политика.

– Овие цели понекогаш се дипломатски и геополитички, како стекнување сојузници и влијание врз политиките на глобално ниво. Во друг случај, пак, тие се економски, како што се обезбедување пазарни можности за сопствените банки и компании и градење инфраструктура и коридори од важност за Кина. Сите горенаведени промери ги карактеризираат целите што ја поттикнуваат кинеската развојна помош за Западниот Балкан, се наведува во Анализата.

Сепак, според Центарот за европски политички анализи (ЦЕПА), засилено кинеско влијание во Централна и Источна Европа не се должи толку на генијалноста на Кина, туку повеќе на слабоста на Западот.

На земјите вклучени во „Групата“ им се забележува дека од фундаментално опортунистички цели ги занемаруваат кинеските табуа поврзани со Тајван и човековите права во Тибет, за сметка на големи инфраструктурни проекти реализирани со инвестиции од Кина.

Ваквиот пристап, оценува ЦЕПА, делува разочарувачки за оние кои регионот на Централна и Источна Европа го гледаат како геополитичка раскрсница, кој се наоѓа во фокусот на „злобните шеми на една тоталитарна суперсила“, во случајот Кина.

Но всушност, според ЦЕПА, Пекинг на регионот гледа како на „отскочна даска“ за можно навлегување во западните земји од ЕУ.

– Кина би ги жртвувале сите свои интереси во регионот за малку подобра позиција во некоја голема германска сојузна покраина, како Северна Рајна Вестфалија, вели за ЦЕПА анонимен аналитичар, кој важи за добар познавач на кинеската надворешна политика.

Но, од друга страна и владите во регионот, пред се оние со проблематичен демократски капацитет, се однесуваат подеднакво опортунистички кон проектот, користејќи ги врските со Кина за внатрешно-политички цели, но не ретко и како средство за пазарење со носителите на одлуки во Брисел.

Играњето на „кинеската карта“ имаше одреден успех за време на пандемијата со Ковид-19, но таа врска не е на реципрочна основа, имајќи предвид дека Кина ја има многу повеќе во официјалниот дискурс на Белград и Будимпешта, на пример, отколку што Србија и Унгарија ги има во Пекинг, кој има многу поважни места од интерес.

Но, со напуштањето на Литванија, а сега и на Естонија и Летонија на „кинескиот проект“, се добива впечаток дека обидите на Кина за користење на инфраструктурата за зајакнување на политичките и економските врски се сериозно нарушени.

Дополнително и последните случувања во земји, како Кенија, Шри Ланка и Пакистан, опфатени со другата кинеска иницијатива – „Појас и пат“, покажаа дека прескапите проекти со слаба комерцијална оправданост и несигурно финансирање од Кина, се далеку од сигурна замена за развојните кредити и помошта што доаѓа од Западот.

Сепак, според ЦЕПА, ова не треба да биде причина за самозадоволство на западните земји, бидејќи иако успесите на Кина се можеби мали, тие сепак се резултат на празнините создадени од неуспехот на Западот.

– Бавното темпо на проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, стравот од соочување со тврдоглавите унгарски власти и зголемениот интерес за изучување на кинескиот јазик на универзитетите во Централна и Источна Европа, иако не се резултат на притисокот на Пекинг, сепак создадоа услови кои Кина можеше да ги искористи и ги искористи, оценува Центарот, додавајќи дека кинеското раководство сега можеби е во „задниот двор“ на ЕУ, но размислува долгорочно, што не би можело да се каже и за Западот.