Повисоки сметки за струја за домаќинствата кои ќе трошат над 420 киловат-часови во месецот

Предлогот повисоки сметки за струја да плаќаат оние домаќинства кои трошат над 420 киловат часови електрична енергија и тоа во таканаречената скапа тарифа. Но, колку плус ќе ги чини, ќе се знае кога ќе се донесе новата цена на струјата, која се очекува да се зголеми. Според експертите, новиот тарифен модел нема да ги реши проблемите во енергетскиот сектор, а ситуацијата од есен ќе биде многу потешка бидејќи зависиме од увоз, а цената на струјата на светските берзи и понатаму ќе расте

6385

Од 1 јули пониски сметки за струја ќе плаќаат оние домаќинства кои месечно ќе трошат до 210 киловат-часови електрична енергија, а повисоки оние кои трошат над 420 киловат часови и тоа во таканаречената скапа тарифа. Притоа, треба да се има предвид дека повисоката цена нема да се однесува на вкупната потрошена електрична енергија, туку на разликата од границата на понискиот тарифен блок и оној повисокиот. Така на пример, доколку едно домаќинство во текот на месецот потрошило 250 киловат-часови електрична енергија, по пониска цена ќе плати за потрошените 210 киловат-часови, а за преостанатите 40 киловат-часови ќе плати по повисока тарифа која се однесува на втората група.

Предлогот повисоки сметки за струја да плаќаат оние домаќинства кои трошат над 420 киловат-часови електрична енергија и тоа во таканаречената скапа тарифа. Но, колку плус ќе ги чини, ќе се знае кога ќе се донесе новата цена на струјата, која се очекува да се зголеми. Пресметките покажуваат дека со сегашните цени, оние кои би трошеле над 420 киловати и би влегле во трет блок, би добиле за 6 отсто повисока сметка, додека оние од првиот и вториот блок би имале дури и до 13 отсто пониски фактури.

Сепак, дел од енергетичарите има мноху отворени прашања. Универзитетскиот професор и енергетски експерт Константин Димитров вели дека проблемот кај нас произлегува од високата цена на електричната енергија, а таа е висока бидејќи ја увезуваме.

– Правдата е некој што троши повеќе да плати повеќе. Тоа е основната цел, но тоа се коси со деловната логика, бидејќи тој што троши повеќе треба да плати помалку. Не очекувам дека новиот модел ќе ги реши проблемите и ќе доведе до намалување на сметките од 5 и повеќе проценти на оние кои трошат помалку, вели Димитров.

Според него, предложениот модел во себе носи и неколку други неправди кон потрошувачите. Една од нив е, привилегираната положба во која ќе се најдат околу 60 илјади семејства во Скопје кои се вклучени на системот на централно греење. Исто така, според него ќе бидат казнети и оние кои преминале од греење на дрва кон користење на топлински пумпи, односно инвертори за кои дури се даваат и субвенции за да се набават.

И енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков смета дека кај нас ситуацијата е многу потешка бидејќи немаме доволно сопствено производство на електрична енергија и зависиме од увоз, а цената на струјата на светските берзи и понатаму ќе расте.

– Поскапувањето на цената на струјата е неминовно. Но, за да ја прикрие својата неспособност што не успеа соодветно да одговори на енергетската криза, Владата нема да оди со висока стапка на пораст на струјата. Во вториот квартал ќе имаме зголемување од 10 до 20 отсто, а во третиот зголемувањето ќе биде многу повисоко и ќе се движи од 70 до 100 отсто. Државата не може многу да ја покачи цената на струјата бидејќи сме во економска криза и граѓаните се исцедени. Но, од друга страна, нема пари во Буџетот и нема да може многу да ја субвенционира цената на струјата за домаќинствата – вели за ВЕЧЕР енергетскиот експерт, Ѓорѓи Манасков.

Од Владата пак им препорачуваат на граѓаните да почнат да штедат и сите заедно да се избориме против енергетската криза која не е само проблем на Македонија, туку и на другите земји во регионот.

-Ако сме навикнале на 24 степени да ја држиме температурата дома за да ни биде топло и да шетаме на кратки ракави, најверојатно ќе треба да се навикнеме да живееме на 22 степени во зима, а во лето, ако е 24, да направиме на 26 степени Целзиусови. Секој еден степен значи штедење. Таа електрична енергија што некој ни ја обезбедува, треба да ја вратиме за да помогнеме на стопанството, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Трајковски: Греењето на дрва е најисплатливо, но не се препорачува поради загадувањето

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски направи анализа за тоа колкава е цената на еден киловат-час топлинска енергија, добиена од разни видови енергенси. Анализата покажала дека најисплатливо е греењето на дрва кое не се препорачува поради загадувањето, но и греењето со инвертер-клима уреди само во ниската тарифа.

-Греењето на екстра лесно масло – нафта за домаќинства е најдобро да го заборавиме. Дури ни греењето на ТНГ – втечнет гас од бензинските пумпи не е многу поевтино, како ни греењето на електрична енергија со греалки, особено во високата тарифа. Најисплатливо е греењето со инвертер-клима уреди и тоа во ниската тарифа. Со овие цени на електричната енергија сè уште се исплати овој вид на греење и потегот на Владата за замена на печките на тврдо гориво со инвертер-клима уреди сè уште се покажува правилен. Греењето на дрва спаѓа меѓу најевтините начини, но поради проблемот со загадувањето, не се препорачува и најдобро е да се избегнува, објаснува Трајковски.

Според него, кризата ќе трае до крајот на годината, но можно е да продолжи и на почетокот на 2023 година.

(А.С.)