Повеќе Македонци може да останат без туристички аранжмани за Грција

Неизвесна реализацијата на десетина илјади аранжмани на лица кои уплатиле летување во Грција преку туристички агенции кои соработуваат со грчката „Музенидис травел”. Според информациите на регионалните медиуми, се работи за банкрот на грчката туристичка агенција која ги откажа сите патувања во периодот од 27 јуни до 31 јуни. Од СКТМ велат дека во овој случај погодени се и нашите туристички агенции кои ќе мора да најдат начин како да ги реализираат аранжманите на клиентите бидејќи веќе им дале ваучери. Пропаѓањето на грчката агенција може да повлече банкрот и на наши туристички агенции кои соработуваат со истата

5435

Неизвесно е реализирањето на аранжманите на македонските граѓани кои уплатиле летување во Грција преку туристички агенции кои соработуваат со грчката „Музенидис травел”.

Според информациите, станува збор за банкрот на грчката туристичка агенција која ги откажа сите патувања во периодот од 27 јуни до 31 јуни. Во прашање е реализација на десетина илјади аранжмани на клиенти од нашата држава и од Русија, Украина, Романија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.

Од Стопанската комора за туризам на Македонија, вчера за весникот ВЕЧЕР изјавија  дека граѓаните ќе бидат обесштетени, но пропаѓањето на грчкиот тур-оператор може да предизвика низа финансиски проблеми на нашите туристички агенции, па дури и банкрот.

– Музенидис е во банкрот и голем дел од нашите туристички агенции кои соработуваат со грчката туристичка агенција имаат проблеми да ги реализираат патувањата. Откажани се и аранжманите во грчките хотели кои Музенидис ги има земено под закуп. Постои опасност од ланчан систем, односно нашите туристички агенции кои имаат извршено уплати за патувања да не може да ги реализираат и да отидат во банкрот. Во овој случај клиентите нема да бидат погодени бидејќи туристичките агенции ако им дале ваучери мора да најдат начин како да ги реализираат аранжманите, вели за весникот ВЕЧЕР Емил Димитровски, претседател на Стопанска комора за туризам.

Тој додава дека многу наши туристички агенции кои имаат уплатено во „Музенидис травел” веќе имаат добиено ваучери кои сега ќе им пропаднат и ќе мора да земат кредити за да ги подмират обврските кон клиентите.

-Нашите агенции ќе мора да им најдат аранжмани на клиентите бидејќи веќе им дале ваучери. Клиентите ќе бидат обесштетени освен во случај на банкрот на нашата туристичка агенција. Пропаѓањето на грчката агенција може да повлече банкрот не само на нашите туристички агенции, туку и на други агенции кои соработуваат со неа, вели Димитровски.

Српските медиуми пишуваат дека Музенидис е во банкрот, а српските туристички агенции работат на изнаоѓање решение за лицата кои уплатиле аранжмани во Грција преку неа.

Бугарските медиуми јавија дека под знак прашање се туристички аранжмани на околу 150 илјади Бугари кои уплатиле преку агенции поврзани со Музенидис. Според нив, секојдневно добиваат информации од грчки тур-оператори дека хотелите во таа држава одбиваат да прифатат Бугари кои имаат резервации преку Музенидис.

Грчки медиуми јавија дека компанијата ќе се обиде до 31 јули да најде решение со кредиторите и да успее во обидите за финансиска помош од државата.

(А.С.)