Побогат е од Гејтс и Бафет заедно – Маск вреди 236 милијарди долари

224

Богатството на Илон Маск, благодарение на зголемувањето на вредноста на Тесла и Спејс Икс, расте незапирливо, а оваа година е зголемено за повеќе од 66 милијарди долари.

Погледот на листата на милијардери на Блумберг открива дека денес имаме дури единаесет луѓе во светот кои се „тешки“ повеќе од 100 милијарди долари.

На листата доминираат богатите од технолошкиот сектор, а во моментов првото место како најбогата личност во светот го држи Илон Маск. Од почетокот на пандемијата, неговото богатство порасна брутално, и, според најновите податоци на Блумберг, сега вреди неверојатни 236 милијарди долари, пренесува Зимо.

Богатството на сопственикот на компанијата Тесла и SpaceX, Илон Маск е еднакво на вкупното богатство на милијардерите Бил Гејтс и Ворен Бафет.

И Гејтс, кој има од 130 милијарди долари, а Бафет од 102 милијарди долари своевремено биле најбогатите луѓе на светот.

Директорот на Амазон, Џеф Безос од 2017 година до јануари оваа година со богатство од 185 милијарди долари бил најбогатиот човек на светот, а потоа неговото место го зазеде Маск.

Од почетокот на оваа година Маск е побогат за 66 милијарди долари, како последица на растот на вредноста на акциите на Тесла. Со работата на SpaceX тој стекнал богатство од 11 милијарди долари.

Меѓутоа, Гејтс и Бафет за разлика од Маск донирале милијарди долари. Маск е критикуван од оние кои сметаат дека не донира доволно пари. На критичарите им одговори дека тоа го правел анонимно.

Оваа година ветил дека ќе донира 150 милиони долари, од кои 100 милиони требало да бидат искористени за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Се претпоставува дека ова ќе биде неговата најголема донација.