Победниците хортикултурно ќе уредуваат една парцела

128

Со цел подигање на јавната свест за почиста и здрава животна средина, како и враќање на малските дружби во Ѓорче Петров, општината го организира првиот дел од проектот „За поубаво Ѓорче“.

На проектот му претходи повик за учество кој веќе го објави општината.

Право на учество имаат сите граѓани на Ѓорче Петров организирани во локални акциски групи со не повеќе од 20 лица, во партнерство со НВО со фокус на работа од областа на животната средина, заедници на сопственици и други физички и правни лица.

Групите треба да се пријават во локалната самоуправа и да предложат најмногу пет локации на кои ќе изведуваат активности за чистење.

Комисија од општината ќе ги одобри локациите каде ќе се интервенира од страна на групите кои ќе успеат да земат учество во проектот. При чистењето, локалните акциски групи отпадот ќе го собираат во вреќи, но и ќе вршат селекција – пластика, стакло, метал, итн.

Рокот за пријавување е најдоцна до 12 ноември. Наградата за најдобрата група ќе биде хортикултурно уредување на една парцела (по избор на победникот) која нема да биде поголема од 200 квадратни метри.