ПМ10 кај Ректорат достигнаа над 300 мг/м3

130

Скопје ноќеска и утрово се „гушеше“ во загаден воздух. Според сајтот World Air Quality Index кој врши мерења низ целиот свет, македонската метропола беше во топ 5 најзагадени градови на планетата. Ноќта кон вторникот околу 2 часот, Скопје беше на третата позиција, а утрово падна за две места, и се најде на петтата позиција.

Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваа концентрации на ПМ10 честичките и над 200 микрограми на м3, а нависоката вредност е регистрирана кај Ректорат од 301 ПМ10 мг/м3 во 2 часот по полноќ.

Според објавените мерења, најзагаден воздухот бил кај Ректоратот каде од 20 часот концентрациите се искачуваат на 221,51 микрограми и достигнуваат до 301 во 2 часот по полноќ. И следните мерења на оваа станица покажуваат високи концентрации над дозволеното со измерени 248 во 3 и 4 часот и 169 измерени во 5 часот и во текот на денот беа 100 микрограми.

Загаден воздухот е и во Карпош и Гази Баба. Во Карпош високи концентрации над 100 мг/м3 се измерени од 18 часот синоќа кои се искачуваат до 211 во 20 часот и се задржуваат во следните мерења меѓу 100 и 200 мг/м3. Последното мерење евидентирало концентрации од 44 микрограми.

Во Гази Баба максимумот од 209 микрограми се измерени во 22 часот и на полноќ и 202 микрограми во 3 часот. Концентрациите се задржани на 196 во 4 часот, и над 100 се движат се до последното мерење во 9 часот.

Ѓорче Петров, исто така, завчера по 16 часот евидентира концентрации над 100 микрограми на кубен метар.

Во Центар мерната станица, според објавенотот на веб страницата, концентрациите се движеле околу 80 микрограми и достигнале до 98 мг/м3 во 18 часот.

Препораки за заштита на населението се упатуваат во случај на надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри ПМ10 во два последователни дена со среднодневни концентрации над 100 мг/м3.