Раководните лица на Кошаркарската федерација на Македонија на чело со претседателот Перо Антиќ одржаа состанок со претставници на прволигашките екипи, се со цел да се најде начин да се подмират долговите и новата сезона да стартува што поскоро.

Раководството на КФСМ заедно со претставниците на клубовите од Здружението на Прволигаши разговараа на повеќе теми околу првенството, меѓу кои и подмирувањето на долговите на клубовите, откако беше искажан предлог за исплаќање на котизацијата во износ од 10.000 евра на десет рати, како и наоѓање решение за регулирање на старите долгови пред почетокот на шампионатот.

Јасно е дека долговите, кои севкупно изнесуваат околу 70.000 евра, ќе мора да се подмират, а клубовите најверојатно официјално ќе побараат за краен рок да биде поставен стартот на новата сезона (најверојатно во првата седмица од месец октомври).

За системот за натпреварување, во новата сезона најверојатно ќе се натпреваруваат 12 екипи. Во однос на ланската сезона ќе го нема тимот на Блокотехна, нови членови се МЗТ Скопје 2 и ФМП, а согласно пропозициите последното место ќе биде понудено на третата и четвртата екипа од Втората лига (Црн Дрим и Ангели). Доколку двата тима не прифатат да станат дел од елитата, тогаш местото ќе му биде понудено на Шкупи, тимот што ланската сезона испадна од Првата лига.

Конечна одлука за прашањата ќе биде донесена на идниот состанок, закажан за седмицата што следи.