„Плоштадот на хероите“ премиерно во Драмски

219

По мотиви од драмата на Томас Бернхард, а во режија на Мирјана Медојевиќ, на 25 декември, со почеток од 19 часот, Драмски театар премиерно ќе ја изведе својата најнова продукција „Плоштад на хероите“.

Пиесата на Бернхард, напишана и изведена во 1988 во Виена, е трагична рефлексија на опсесивната политика на национализам, одрекување на минатото и растечкиот антисемитизам. Според драматургот Нина Зупанчич да се избере последниот текст на големиот модерен писател кој својот живот го посветил на уште поголеми теми – самоубиството и присуството на фашистички обрасци кај секој човек во неговата родна Австрија, со себе го носи бремето на историјата и очекувањата; текст, кој предизвикал скандал, кога наместо да ја одбележи стогодишнината на Виенскиот Бургетер, за којшто бил и нарачан, тој ја одбележал педесетгодишнината од Аншлус и веселиот извик на толпата која го пречекува Хитлер на плоштадот ‘Херои’ во Виена.

„Темите кои најчесто се преоптоварени со табуа или замаглени од интелектуални дебати ги направивме достапни за сите. Или можеби не, театарот е и место за избор, да се отвори или да не се отвора, да се дозволи или да не се дозволи, да се истражува или да се избега? Смеа, хумор – еден од ретките моменти каде егото се повлекува, отстапувајќи простор за креирање и отстапувајќи му простор на театарот како неповторлив настан. Претставата се обидува да го разбуди театарот што извира од двајцата кои се клучни за него – актерот и гледачот – и нивниот компромис да си допуштат, да си играат. Комедијата на апсурд која е присутна во сите текстови на Бернхард, раѓа tip ludensa, органска претстава која се создава со токму таквиот гледач секој пат кога е пред него поставена“, ќе посочи Зупанчич.

Во претставата играат: Наталија Теодосиева, Ина Пунтар, Гордана Ендровска, Стефан Вујисиќ и Златко Митрески. Автори на текстот се учесниците во процесот, драматургијата е и на Викторија Рангелова, а композиција и избор на музика е на Ина Пунтар.

Режисерката Медојевиќ живее и работи во Љубљана. Дипломирала режија на Факултетот за драмски уметности во Цетиње, а магистрирала во класата на проф. Томи Јанежич на Академијата за театар, радио и телевизија (АГРФТ) во Љубљана. Претставата „Злосторство и казна“ во нејзина режија е прогласена за најдобра во театарската сезона 2016/2017 на Меѓународниот театарски фестивал „Borštnikovo srečanje“, по избор на Друштвото на критичарите и театролозите на Словенија. Медојевиќ е добитник е и на наградата за најдобар драмски текст за пиесата „Син“ на фестивалот „Денови на Јурислав Корениќ“ во Сараево.