Платите на јавната администрација куртулија поради изборите?

116

И по неколку владини седници сè уште се тактизира со гласањето на владината уредба која треба да го укине годишното финансирање на партиите со буџетски средства. Партиите, без конкретно да одговорат дали ќе се откажат од парите, се уште јавно се препукуваат што и на кого треба да му се скрати за да се ублажат економските последици од коронавирусот. Ваквата одлука, смета бизнисменот Венко Глигоров, ќе придонесе за уште поголем број партиски вработувања, и на како што вели стимулирање на „паразити“ на буџетот.

-Главниот ефект од оваа криза ќе биде дека е многу подобро да се работи (т.е. паразитира) во државна администрација. Ем не работиш, ем земаш плата целосно. Нивните плати се апсолутни и независни од тоа како работат тие што го полнат буџетот. Со ваквиот однос Владата (а со тоа и партиите) ќе имаат уште поголем притисок за партиски вработувања. Колку повеќе партиски вработувања, толку повеќе „бегства“ во странство за тие што вредат,пишува Глигоров на „Фејсбук“.

Глигоров цени дека е погрешна и одлуката функционерите да се остават на минималец.

-Наместо да се засилат платите на избраните функционери за да може да „ораат“ по државата и да ја средуваат ситуацијата со зголемено темпо – тие ги ставаат на минимална плата. Несфатливо. Значи, или признаваат дека функционерите имаат екстра (недозволени) приливи или дека истите функционери не ги бидува. Ваквите функционери се убав „плен“ за загадувачите, кризните профитери и секакви други престапници и натрапници.

Кога владата ги носела мерките во економскиот план, очигледно внимавало и на перцепцијата на мерките во време на предизборите, иако е неизвесно дали изборите ќе бидат во јуни или наесен. Сепак, кризата нема да помине само со овие мерки, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР политикологот Владимир Божиновски. Според него, невозможно е товарот да го трпи само стопанството, а администрацијата да остане недопрена.

-Прашање е дали Буџeтот ќе го издржи тоа и сите најавени задолжувања. Во ситуацијава, се крати од секторот во државата кој што го полни буџетот, а тоа се приватните фирми, а не се крати на оние кои што го трошат. Одлуките се носат краткорочно, а кога ќе заврши здравствената криза ќе има економска криза полоша и од 2008. Сигурно нема да остане на ова и дека вака ќе се помине кризата, вели Божиновски за весникот.

Товарот треба да биде поделен рамномерно, а не вака, да го поднесе само приватниот сектор. Многу мерки се задоцнети, мора брзо да се реагира, мерките бавно се носат, нема јасен пат како би требало да се направи генерален економски план. Личи како да е компромис меѓу потребата да се крати, а очигледно кога се кратело многу се внимавало и на перцепцијата и пред избори. Не знам како ќе се издржи со оваа одлука, најверојатно ќе треба и да се менува и да има нови кратења. Невозможно е приватните компании и стопанството да трпат и кратење и намалување, а администрацијата да остане недопрена, вели Божиновски.

Владата не го прифати предлогот на СДСМ за намалување на платите во јавната администрација, а техничкиот премиер Оливер Спасовски потенцираше дека при носењето на мерките се консултирани сите водечки експерти и стопанственици во државата.

Во меѓувреме, на дневен ред уште не е ставена Уредбата за укинување на партиските пари, која исто така е дел од пакетот антикризни мерки.

За иницијативата која на „Фејсбук“ ја најави министерката за правда Рената Дескоска, поддршката засега не е обезбедена од сите политички партии. Интегративците на Ахмети подолг период молчат околу предлогот и не одговараат на прашањето дали солидарно ќе се откажат од буџетските пари за нивната партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, го повторија ставот на лидерот Христијан Мицкоски, дека партијата ќе се откаже од годинешниот буџет само ако и министрите и другите државни функционери се согласат да работат пробно во овој период.

Според Законот за финансирање на политичките партии кој беше донесен пред неполни две години, партиите добиваат 0,15 отсто од државниот Буџет. Тоа се скоро 4,5 милиони до 5 милиони евра, во зависност од годишниот буџет. Најголем дел од овие средства или 70 отсто од овие средства обезбедени од државниот буџет добиваат партиите што освоиле пратеници или советници на последните избори, пропорционално со бројот на пратениците или советниците што победиле. Останатите 30 отсто рамномерно ги делат сите политички партии што освоиле најмалку 1 отсто од гласовите на последните парламентарни или локални избори.

Покрај тоа, државниот буџет предвидува уште по околу 280.000 евра за годишно финансирање на истражувачкоаналитички центри на политичките партии што функционираат како дел од внатрешната организација на партијата. (Ј.Ц.Г.)