Платите на административците висат на конец

Ребалансот треба да помине на Влада до крајот на месецов, а од штурите информации познато е и тоа дека ќе се скратат 39 милиони евра, а можно е и двојно повеќе ако се постигне консензус околу намалување на платите во јавната администрација, додека пак капиталните расходи нема да се чепкаат

6229

Во Министерството за финансии се работи на ребаланс на годинешниот буџет, нешто што деновиве сугерираше и Европската комисија.

Министерката за финансии Нина Ангеловска не открива детали, само вели дека за ова се чекал април за да се имаат повеќе информации.

-Генерално во моментот е предизвик да се проба да се појде од што пореалистични проекции или претпоставки. При прекројувањето ги земаме предвид сегашните проекции што ги имаме направено, вели таа.

Она што досега се знае е дека капиталните инвестиции нема да се чепкаат, но неизвесно е дали ќе се посегне по платите на јавната администрација. Премиерот Оливер Спасовски викендов изјави дека ќе се креира Буџет што ќе може да ја поддржи македонската економија за да биде подготвена да се врати во полна економска активност во моментот кога ќе има услови, но нема да се кратат капиталните инвестиции. Додаде дека за платите на админстративците сè уште нема одлука, но дека прашањето се анализира.

-Ние разговаравме неколку пати за ребалансот во Буџетот во рамките на економскиот тим на Владата и на Економскиот совет, секако дека ќе се разговара и во наредните денови. Наша идеја е да направиме кратење што ќе биде во насока на функционирање на државата. Тука сметам, пред сè, дека треба да останат максимално капиталните инвестиции, оние што создаваат добра економска активност, за да можеме да ги одработиме сите тие проекти, рече тој.

Нешто повеќе детали, но сепак не доволно открива советникот на Спасовски, Фатмир Битиќи кој воедно е и во советодавното тело од експерти на министерката Ангеловска. Тој вели дека ребалансот треба да помине во Владата до крајот на месецов, а од буџетот тежок 3,9 милијарди евра нема да се скратат повеќе од еден до два процента. Тоа значи ќе се стартува со сума од 39 милиони евра. Можноста да се скрати двојно повеќе од тоа би се отворила ако се постигне консензус околу прашањето за намалување на платите на јавната администрација. Во оптек се шест сценарија за оваа операција.

Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека останува на ставот дека платите на овие вработени треба да се намалат и набројува повеќе причини за тоа, како неодењето на работа поради што им се намалени трошоците,  намалената продуктивност, солидарноста, кризата…

Против кратење на платите на административците не е ниту дополнителната заменик-министерка Гордана Димитриеска Кочоска. Таа предлага кон тоа да се посегне откако ќе се реализира транспарентен ребаланс, па ќе се види дека е направен максимум и сите ќе мора да бидат солидарни. Став на Димитриеска Кочоска е дека кај вработените во администрацијата кои се на неопределено време нема што да се прави, но може да има намалување кај оние со договори на дело, кај консултантските услуги, привремените вработувања, бидејќи тие се ангажираат за зголемен обем на работа.

Таа посочува дека со допис до министерката побарала ребаланс со предлози кои ставки се најургентни за кратење уште на 24 март, па смета дека оваа операција сега е задоцнета.

Инаку, министерката за финансии Ангеловска оценува дека годинешниот буџет не е преамбициозен, туку реално скроен. Вели  дека и покрај кризата е ликвиден, односно се реализираат сите обврски од него, како повратот на ДДВ кој е поголем од претходната година, исплатата на субвенциите, на платите, пензиите, социјалната помош, а за тоа добра и навремена поддршка е заемот од ММФ од 176 милиони евра, кој веќе го добивме.

Министерката за финансии додава дека, од друга страна, се прават и буџетски заштеди.

-Реализацијата на стоки и услуги во месец април е помала за 36 проценти во споредба со минатогодишниот април. Тоа покажува дека одлуките на Владата да се стопира раст на непродуктивни расходи даваат резултат, истакнува министерката и додава дека треба да се забрзаат капиталните инвестиции.

Исто така, Ангеловска информира и дека не се во план промени кај некои даноци.

(С.В.)