Дванаесет планинари изградија нов импровизиран мост преку Лешничка река во месноста Лешница на Шар Планина откако истиот таков премин беше целосно оштетен и неупотреблив минатата недела.
Потфатот го организираа членовите на планинарското друштво „Игл“ со помош и поддршка на колегите од планинарскиот клуб „Тетекс“.
– Овој мост е важен за движењето на планинарите, посетителите и туристи, кои сакаат да ја посетат Лешница а ја користат планинарската патека која почнува од селото Бозовце. Ако нема мост нема да може да се премине реката во периоди на годината кога има повеќе вода – изјави Сервет Даути од друшвото „Игл“.
Планинарите го направиле мостот на едноставен начин користејќи неолку стебла од дрвја. Од нив две поголеми стебла се поставени преку реката, а парчиња се поставени попречно преку двете стебла за да се овозможи преминување.
– Ние го имавме направено и стариот мост во 2016 година, но бидејќи е направен само од дрвја и стои на вода и на сонце се уништува. Имаме направено и три други на понатамошнот тек на реката за да може да се помине – вели Сервет Даути.