Планинарите маршираат во чест на Борис Трајковски

42

Планинарите и оваа година маршираат во чест на Борис Трајковски. По повод 19-годишнината од неговата смрт, 15 планинари од Струмица, Валандово, Гевгелија и Радовиш тргнаа на марш со кој сакаат да му оддадат почит на ликот и делото на трагично загинатиот претседател. Традиционално, веќе 18 години по ред, тргнуваат од неговиот роден град Струмица од пред споменикот „Македонија“ поставен во чест на Трајковски. За пет дена ќе поминат маршрута долга околу 200 километри. Крајната цел им се гробиштата Бутел и вечното почивалиште на Трајковски каде што треба да пристигнат в недела на 26 февруари.

И оваа година маршот има два дела, а вториот ќе биде реализиран на планината Беласица со искачување на врвот Ботра, именуван по Борис Трајковски, висок 1.880 метри надморска височина. На овој марш ќе учествуваат околу 60 планинари од повеќе клубови и друштва од Македонија, но и планинари од соседна Бугарија.

(З.Ѓ.)