Пијанец се соочува со недостиг на работници за берба на вишна

179

Најголемиот агрокомбинат во источниот дел на државата „Рудине“, кој располага со 300 хектари сопствени вишнови насади, се соочува со недостиг од работници за берба на овогодишната вишна.

Освен недостигот на работна рака оваа година, како што вели Мирко Гоцевски, раководител на секторот овоштарство, поради мразот намален е и приносот, а единствена светла точка е добриот квалитет на вишната.

-Очекуваме прилично добар квалитет на вишната, бидејки малку е проредена вишната и се очекува да набереме меѓу 800 и 900 тони вишна. Оваа година, планираме бербата да ја завршиме за негде 15 дена ако најдеме берачи, но засега тоа ни претставува мал проблем, бидејки потешко се наоѓа работна рака. Во моментот на нашите плантажи имаме берачи од Делчево, Кочани, Радовиш, Струмица, Куманово и Кочани, вели Гоцевски.

Поради слабиот род, загуби годинава ќе претпрпат и овоштарите со сливови насади. За разлика од лани кога поради богатиот род имаа проблеми со пласманот, годинава мразот и сушата им го изеде родот на овоштарите од Пијанец.

-Кога треба дрво да даде род, нормално е дека му треба вода, како што му треба вода и пред почетокот на бербата. За жал оваа година поради временските неприлики, суша и мраз, сливите цветаа, но немаа многу род, вели овоштарот Борис Ангеловски.

Добриот род годинава е карактеристичен за малината, која во Рудине ја има на помала површина, но истата е со одличен квалитет. Од компанијата и годинава велат дека целокупното производство од засадените 300 хектари ќе биде наменето за странскиот пазар.