Писонеро со големи главоболки пред настапот на Вардар на Супер глоуб

136

Македонскиот и европски ракометен шампион Вардар, драстично ослабен ќе настапи на Супер глоуб турнирот во Саудиска Арабија, кој се игра од 27 до 31 август. Тренерот на „црвено-црните“ Давид Писонеро се соочува со проблеми околу составот откако Бразилецот Жозе Толедо го оперираше коленото, со повреда се здоби уште едно од новите засилувања. Станува збор за рускиот репрезентативец Павел Атман. Тој поради повреда на прстот, здобиена на еден од последните тренинзи, од трибините го следеше контролниот натпревар со Еурофарм Работник. Првичните информации се дека ќе следи пауза од најмалку десет дена, што ќе значи дека Атман нема да може да настапи на Супер глоуб.

Вардар контролката со Е. Работник ја доби со 32:30, а одигра и уште една од затворен тип со победникот на Струшкиот ракометен турнир, грчкиот АЕК. По овие дуели тренерот Писонеро го посочи средниот бек Сташ Скубе како „мозок“ на тимот.

– Не чувствуваме притисок пред Супер глоуб, едноставно на секое натпреварување играме за победа и трофеј, без разлика дали тоа е ЛШ, СЕХА лигата, Супер глоуб… Скубе е клучниот ракометар, како и кај моите претходници, тој е „мозокот“ на овој Вардар. Атман се жали на повреда на прстот, не знам кога ќе го имам назад во стројот, но верувајте ќе бидеме спремни во Ријад, вели Писонеро.

Вардар ќе игра директно во четврт-финалето на Супер Глоуб и таму за првпротивник ќе го има победникот од дуелот меѓу Ал Мудхар и Њујорк. Во случај на победа потенцијален ривал во полуфиналето е германскиот гигант Кил.