Писма и пакети повторно патуваат за САД, Канада и уште 45 земји

146

По речиси целосниот прекин, пролетва поради затворањето на светските аеродроми, меѓународниот поштенски сообраќај од овој месец постепено почнува да се нормализира.

Пошта на Северна Македонија деновиве го ажурираше списокот на земји во кои можат да се испраќаат пратки, а на него сега се додадени и далечните САД, Канада, Кина, Индија, Јапонија, Кореја, Сингапур, Хонгконг… На ажурираниот список што го објави државната пошта се додадени и голем број европски земји, меѓу кои и држави во кои работат наши граѓани како Норвешка, Швајцарија, Шведска, додека приемот на пратки за најголем дел од соседните земји, како и Турција и Германија е воспоставен уште во април.

Според најновиот објавен список сега поштата патува до вкупно 47 земји, за разлика од почетокот на април кога тоа беше овозможено само со шест земји, главно оние од соседството до кои пратките стигнуваа по сувоземен пат, поради тоа што двата македонски аеродрома беа затворени. Пред најновото проширување, на списокот имаше само 13 земји.

-Како последица на пандемијата на ковид-19 вирусот во државите низ светот дојде до значајни промени и во меѓународното поштенско работење. АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, е во постојан контакт со меѓународните поштенски оператори и превозници и своето меѓународно работење го приспособува на постојната состојба, соопштуваат од Пошта и ги повикуваат корисниците пред испраќање на поштенски пратки во меѓународен поштенски сообраќај на нивната веб-страница да го проверат редовно ажурираниот попис на држави за кои може да се испраќаат поштенски пратки.

Исто така, додаваат дека нема прекин во доставата на пратки од меѓународниот поштенски сообраќај, односно сите пратки кои пристигнуваат во државата се доставуваат до крајните  примачи.