Пилешки филети со салмонела од Бразил стигнаа на Балканот

По минатогодишниот скандал со пилешко небезбедно месо од Бразил, годинава повторно нов. Овој пат прва на мета беше Албанија, каде 27 тони пилешки филети со салмонела биле спречени да влезат на албанскиот пазар. Инаку претходно беше забранет влез на свинско и пилешко месо од Бразил, Канада, Кипар од кое дел било наменето за Косово

226

Албанската национална агенција за храна (АКУ) во пристанишниот град Драч забрани влез на повеќе 27 тони пилешко месо од Бразил поради присуство на високи концентрации на салмонела. Минатата година по скандалот со расипаното месо од Бразил голем број европски земји, меѓу кои и Македонија, донесоа забрана за увоз на пилешко и говедско месо од оваа земја.
Нашата Агенција за храна и ветеринарство – АХВ веднаш реагираше и ги извести фирмите кои увезуваат месо од Бразил за можноста од внесување на небезбедно месо. Потоа од страна на Агенцијата беа преземени соодветни превентивни мерки и засилени контроли на граничните премини на сите видови пратки кои потекнуваат од Бразил. Пратките се одобруваа за увоз по добивање на задоволителни лабораториски наоди, што гарантира дека се безбедни за употреба.
Овие 27 тони пилешки филети, кај кои било констатирано присуство на високи концентрации на салмонела, биле наменети за албанскиот пазар. Инаку, покрај забраната за увоз на пилешко, Албанија забрани и увоз на 19,2 тони „непечено кафе во зрно„ поради недостиг на соодветна документација и поради констатацијата дека е небезбедно за консумирање.
На почетокот на месецов АКУ забрани влез на 27 тони пилешко месо увезено од Бразил, поради невалиден ветеринарен сертификат, како главен документ за безбедност на производот.
Само неколку дена претходно Агенцијата забрани влез на вкупно 387,1 тони свинско и пилешко месо увезени од Бразил, Канада, Кипар и беа вратени назад во земјата на потекло. Од вкупното количество 53 тони биле наменети за Косово.
Бразил е главен извор на месо од живина и свинско месо за албанските увозници. Од поодамна Албанската агенција за храна врши ригорозна контрола на месото, бидејќи честопати трговците увезуваат месо кое е проблематично за исхрана. Оваа институција, исто така, врши и голема контрола во кланиците во Албанија.
Минатата година Европската комисија забрани увоз на месо од 20 капацитети за преработка на месо во Бразил. Комисијата воедно истите капацитети ги стави на црниот список поради недоволна контрола на месото.