Пикап возило ќе ги запрашува битолските комарци

125

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола до 18 јуни ќе ја реализира првата фаза од програмската дезинсекција со цел уништување на комарците на подрачјето на општина Битола. Запрашувањето ќе се врши во периодот од 19 до 2 часот по полноќ, со апаратура за УЛВ ладно запрашување поставена на пикап-возило.

Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини на целото градско подрачје и периферијата на градот, предвидени со оперативниот план и програма усвоени од Општина Битола.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека паралелно ќе се врши и уништување на ларвните облици на комарците, кои според анализата на таа јавна здравствена установа се сконцентрирани во застојани води, бари, мочурливи површини под вегетација, одводни канали во градското подрачје и периферијата на градот кои се мапирани на теренот како потенцијални места за развој на ларвените облици на комарците.

Третирањето ќе се изведува со високо селективен биолошки инсектицид наменет за уништување на ларвите на комарецот и затоа здруженијата на пчеларите имаат обврска превентивно да ги заштитат пчелните семејства во периодот додека се одвива акцијата.