Пивото ќе мора да поскапи – трошоците растат

202

Германците треба да се подготват за ново поскапување на пивото, еден од омилените пијалоци во земјата. Причината е затоа што трошоците растат, изјави директорот на Здружението на германските пивари Холгер Ајхеле, а пренесува агенцијата dpa.

Енергенсите и понатаму поскапуваат, што ги оптоварува пиварниците. Исто така, нагло растат и цените на суровините и полупроизводите. Поскапуваат и логистиката и работната сила.

Голем број компании веќе најавија поскапувања. Од друга страна, по три години криза, пивската индустрија е многу поотпорна од порано, наведува ДПА.

Според Ајхеле, продажбата на пиво малку закрепнала. Германските пиварници продале околу 8,1 милијарди литри во првите 11 месеци од минатата година, што е за 3,2 отсто повеќе отколку во истиот период во 2021 година.

Сепак, продажбата на пиво е сè уште послаба во споредба со 2019 година, последната година пред пандемијата, кога беа продадени 8,5 милијарди литри.