Пејачот од Струмица си ја исполни желбата: Перо Христов во куќата на Мајкл Џексон

1351

Во времето на мојата посета на неговата куќа која е сега вистинска убавица, лично ме пречекаа стражарите кои беа воодушевени кога им кажав дека сум пејач од Македонија и дека ја сакам музиката на Џексон. И со задоволство ми дозволија да се сликам, така што сега тоа ми е многу драг спомен – бисер кој го споделувам со читателите на весникот ВЕЧЕР

-Јас сум скоро десетина години во Америка, а сакам да кажам дека добро се снајдов. Нормално е дека за тие десетина години, покрај работата, посакав и да ја прошетам Америка која е навистина убава земја со секакви луѓе, кои се добри луѓе, го сакаат животот, а во која живеат и многу наши Македонци иселеници, вака за весникот ВЕЧЕР раскажува нашиот популарен пејач Перо Христов кој е родум од Струмица, а кој е во Америка (моментално е во Струмица, поради ситуацијата со коронавирусот), кој нашата публика најмногу го памти по големата фолк-хит балада “Во црно вино утеха нема“.

-Кога во 2012 година пеев во една македонска црква престојував кај едни добри луѓе од гевгелискиот крај во американската држава Индијана која граничи со градот Чикаго. Тие денови во слободното време пријателите ме однесоа да ја посетам куќата на кралот на музиката, планетарно популарниот Мајкл Џексон кој инаку јас низ целата моја кариера го обожувам. Крајот во кој е роден Мајкл е со многу црнци, тоа е крај кој е препознатлив и со многу барови, дискотеки, трговски центри, убави улици, со бурен дневен и ноќен живот…, но тоа е и крај во кој е родната куќа на Џексон.
Сега е претворена во голем музеј. Во музејот се сите оние работи карактеристични за Мајкл, од неговата гардероба, до неговите награди и признанија, сè е средено, уредено, само да гледаш и да се восхитуваш.

Така Американците си ги почитуваат своите музички и останати филмски и спортски ѕвезди, а не како кај нас кога ќе починат, брзо ги забораваат што е голем срам, а не па музеи да им градат, со единствениот исклучок за Тоше. Го имаме последниот тажен пример со Есма Реџепова, која е за жал, заборавена од сите. Нејзината куќа на скопско “Кале“ треба да биде музеј. Ама тоа сме ние, а ова е Америка!
Христов вели дека куќата на Џексон била една трошна, неугледна куќа во кое како дете многу сиромашно живеел со своите браќа и една сестра, одвај имале што да јадат.

-Тој од поприлично сиромашно дете успеал како извонреден музички талент да го оствари својот американски сон. Да стане славен, богат и омилен пејач. Мајкл Џексон цел живот го слушам иако јас пеам македонска народна музика, но многумина треба да знаат дека јас почнав со забавна музика, па потоа се префрлив во фолкот, ама не се жалам поради тоа. Напротив, многу ја сакам македонската народна музика и воопшто музиката ја сакам, јас и сега пеам и доста стари популарни југословенски шлагери. Музиката може да биде само или добра или лоша.

Мојот миленик Џексон кој баш сега е роден на 29 август, ја пееше една од најдобрите музики разбирлива за целиот свет, така што многу го сакам јас и поп-рокот, а тој беше вистински крал за таа музика. Во времето на мојата посета на неговата куќа која е сега вистинска убавица, лично ме пречекаа стражарите кои беа воодушевени кога им кажав дека сум пејач од Македонија и дека ја сакам музиката на Џексон.

И со задоволство ми дозволија да се сликам, така што сега тоа ми е многу драг спомен. Оваа слика си ја чувам како мој бисер, а јас со задоволство ја споделувам со читателите на ВЕЧЕР.
Д.Миќиќ