Ем сукаат, ем пити месат, ем месо печат и чорби си прават, прсти да излижеш. Токму така во целосен домаќински амбиент во „Етно-село Тимчевски“, во карактеристично македонска кујна, таму накај Куманово, популарните пејачки Вики Среброва и Ани Малинкова деновиве беа специјални гостинки во најновото издание на многу гледаната семејна тв-емисија „Вкусот на традицијата“, која ја уредува и води со години наназад Адријана.

Освен што пееле, Вики и Ани се фатиле и за сукалото. И сè по ред. Најпрво домашна пилешка супа со суканите селски јуфки, преку домашното печено пиле со селски компири под вршник, дополнето со зимски сезонски салати кисела зелка, туршија и корнишони, а на крај залиено со македонско црно вино!

Сета оваа врвна готвачка умешност на пејачки домаќинки (но и на самата Адријана) ќе имаме можност да ја видиме веќе оваа недела напладне во времето на семеен ручек (на фреквенцијата на ТВ Алфа). И секако да додадеме дека ќе мораме некој другпат и да го вкусиме јадењето, а не само да бидеме неми посматрачи. Би било ок, нели Ани и Вики?! Д.М.