„Пешачењето е здравје“ – заедничка активност во организација на Општина Кочани и Извидничкиот одред „Ластовица“

69

Општина Кочани и Извидничкиот одред „Ластовица“ беа организатори на заедничка активност што под мотото „Пешачењето е здравје“ што денеска се реализираше на рекреативната пешачка патека од градот кон вештачкото езеро Гратче.

Во пешачењето се вклучија претставници од Здружението за борба против рак на дојка и сите други видови рак „Борка – за секој нов ден“, членови на кочанските планинарски и еколошки друштва, граѓани поддржувачи на здравиот живот, лекари специјалисти, членови на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и од Советот на Општина Кочани.

 

-Се работи за веќе традиционална активност во овој период од годината со која сакаме да ги мотивираме нашите сограѓани да излегуваат во природа, да пешачат и да рекреираат, односно да го промовираме здравиот начин на живеење. Со укинувањето на протоколите и мерките за заштита од Ковид-пандемијата, можеме повторно да се дружиме, а ова е еден од најдобрите начини за негување на здравиот дух и тело, но и за вообичаената социјализација. Пешачењето го изведовме од Градскиот плоштад до локалитетот Гоцева Шума, а ја користевме реконструираната земјена пешачка патека од десната страна на коритото на Кочанска Река. Имавме учесници од предучилишна возраст до постари пензионери, со што целосно ја исполнивме зацртаната цел, истакна Љубинка Ајтовска, координаторка за еднакви права на жените и мажите во локалната самоуправа на Кочани.

На локалитетот Гоцева Шума, извидниците презентираа дел од нивните вештини, како и начините за лична заштита и безбедност при престој во природа, особено во планински услови.

-Задоволни сме што годинава посетеноста на настанот е помасовна, а присуството на граѓаните го искористивме да ги поучиме за движењето во природа и можните опасности. Исто така, демонстриравме извиднички вежби со кои се промовира тимска работа, како и ориентација во природа, укажување помош на повредено лице, врзување јазли и други активности, истакна Сашко Стефановски, старешина во извидничкиот одред „Ластовица“ од Кочани.

Активноста, чија цел е да ја промовира физичката активност како значаен фактор за добро здравје, е дел од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани за 2022 година.