Пехчевци во акција за почист град

88

Вработените во општинските јавни институции ја спроведоа акцијата „За почисто Пехчево”. Како што информираше Ванчо Бучевски од Општина Пехчево, целта на акцијата е будење на заедничката грижа за чиста животна околина.

– Со акцијата за чистење беа опфатени неколку туристички локалитети, меѓу кои и туристичката населба Равна Река. Се чистеа дивите депонии, се поправаа летниковците, се собираше градежен шут, пластика, хартија и сето она што го нарушува изгледот на една од најпрепознатливите туристички места во Пехчево –  истакна Бучевски.

Во акцијата учествуваше и градоначалникот Драган Тренчовски, кој апелираше на поголема свест во насока на зачувување на животната средина.

– Добро е што има вакви акции, но потребно е поголема свест да не се доведеме во ситуација сами да си го нарушуваме изгледот на околината во која живееме. Овдешната природа важи за една од најчистите и затоа не треба да дозволиме сликата за убаво Пехчево да биде нарушена. Апелирам на одговорно однесување во природа и фрлање на ѓубрето на места кои се назначени за таа намена –  рече Тренчовски.