Македонскиот интернационалец, Елиф Елмас, го освои првиот трофеј во својата кариера откако неговиот тим, Наполи, славеше во финалниот натпревар од годинашното издание на Купот на Италија. Репрезентативецот на Македонија ги одигра последните неколку минути од финалната пресметка против големиот ривал Јувентус. Дуелот кој беше одигран на „Олимпико“ во Рим, заврши без погодоци во регуларните 90 минути, а најмалку посакуваниот пенал-рулет (4:2) се покажа како среќен за четата на Џенаро Гатузо, кој исто како и Елмас, го освои првиот трофеј во тренерската кариера.
Кај „старата дама“, ударот од белата точка не го реализираа Паоло Дибала и Данило, а додека Инсиње, Политано, Максимовиќ и Милик беа прецизни кај „азурите“.
- Прв трофеј во мојата кариера, и тоа освоен со специјален тим. Магична ноќ со надеж дека ќе биде првиот од долга серија трофеи!“ – напиша Елмас на својот инстаграм профил веднаш откако го подигна трофејот во Купот на Италија.
Најголемата ѕвезда во дресот на Јуве, Кристијано Ронало, повторно одигра под очекуваното ниво, но предводникот на „старата дама“, Маурицио Сари, потврди дека и останатите играч не биле на потребното ниво.
- Роналдо е идентично подготвен како и останатите фудбалери, како Дибала и Даглас Коста. Ја нема потребната острина и затоа не може да игра како што знае. Искрено, не разговарав долго со моите фудбалери по натпреварот. Бев многу лут и разочаран, исто како и моите играчи. Во овие моменти најдобро е да бидеш тивок. Ќе разговараме веќе на утрешниот утрински тренинг, изјави Сари.