Пет претстави на 12. Македонско културно лето во Пустец

83

Со претставата „Мечка“ од Чехов на Театар Комедија-Скопје во режија на Димче Николовски, вечерва во Пустец, Албанија, ќе биде отворено 12. Македонско културно лето.

На фестивалот кој се одржува на плоштадот „Гоце Делчев“, до 5 јули од 20:30 часот ќе бидат изведени уште четири претстави на македонски театри.

Утревечер на програмата е „Умри машки“ од Николај Алдо во режија на Коле Неделковски и во изведба на театарот „Ацо Шопов“ од Штип. В среда ќе гостува ансамблот на Велешкиот театар со претставата „Црвенкапа“, адаптација на Сашо Димовски и режија на Деан Дамјановски, в четврток ќе биде изведена „Мани, мани, мани“ според Реј Куни во режија на Бојана Краљевска и Горан Илиќ на Кумановскиот театар.

Фестивалот ќе заврши на 5 јули со „Волшебната флејта“ на Русомир Богдановски во режија на Александар Ивановски на Театарот за деца и младинци, а по неа од 22 часот е свеченото затворање со доделување признанија.

Организатор е Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ – Скопје и Едмонд Сотир, а Македонското културно лето во Пустец е поддржано од Министерство за култура на РСМ и Град Скопје.