Пет милиони евра поддршка за домашните компании

Парите се даваат со цел домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација

34

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) става на располагање 5.060.000 евра за поддршка на домашните компании. Јавниот конкурс за годинава беше објавен вчера и за средства можат да аплицираат микро, мали и средни компании за технолошки развој и забрзан економски раст.

Парите се даваат со цел домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени” и дигитални технологии за нивна трансформација.

– Изминатите години бевме соочени со две поголеми кризи, пандемиската и економската криза, кои претставуваа голем предизвик за компаниите да го опстојат овој период. Со овој повик, им излегуваме во пресрет на компаниите побрзо и поефективно да ги пребродат последиците од кризата и да го продолжат својот пат на пазарот. Преку инструментот Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, досега имаме поддржано преку 200 проекти со вкупен обем на инвестиции во преку 18 милиони евра, што подразбира директна поддршка за инвестициски проекти на компании, технолошки развој, развој на иновациите и претприемништвото во земјата. Ги охрабрувам сите микро, мали и средни претпријатија да ја искористат шансата која ја нуди Фондот и да аплицираат на овој Конкурс – изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Средствата моѓат да се искористат за набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, зелени и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловни процеси, развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, подобрување на продуктивноста и ефикасноста на производствените и/или деловни процеси.

Досега Фондот има поддржано преку 800 проекти со вкупен обем на преку 100 милиони евра заеднички инвестиции. Фондот обезбедува финансиска поддршка за микро претпријатија до 70% од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2,5 милиони денари, за мали претпријатија до 70%, но не повеќе од 5 милиони денари, а за средните претпријатија до 60%, но не повеќе од 10 милиони денари. Апликантот обезбедува сопствено кофинансирање од 30% за микро и мали претпријатија, односно до 40% за средни претпријатија од вкупниот буџет на проектот. Со овој повик ФИТР нуди поддршка и на приватните здравствени установи.

Повратот на финансиската поддршка доделена од страна на Фондот се врши по стапка од 7,5% од оперативната добивка на корисникот, до остварување на поврат на 105% од износот исплатен од страна на Фондот или за период од 5 години по завршувањето на проектот, во зависност од тоа кој услов е прв остварен.

Дел од условите кои треба да ги исполни апликантот се: да е трговско друштво или приватна здравствена установа, апликантот да не е поврзан со друго претпријатие или ПЗУ чии годишни приходи надминуваат 10 милиони евра и просечен број на вработени да не надминува 250 од претходните фискални години, да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиските институции, и да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истиот проект да нема добиено финансиска помош од друга државна институција.

Јавниот повик за ко-финансирани грантови на микро малите и средни компании за технолошки развој за забрзан економски раст е отворен до 05.05.2023 година, до 14 часот, а компаниите можат да аплицираат електронски.