Пет години од смртта на легендарната Љупка Димитровска: “Ѕвона ѕвонат“, “Твоето мало кајче“, “Чао, аморе мио“, “Јас го сакам тој мене не“… песни со кои не ја забораваме Бубе

413

Пред пет години, точно во октомври, во Загреб, во својата седма деценија од животот почина една од најголемите поранешни југословенски пејачки на забавни мелодии Љупка Димитровска (мажена Калоѓера). Само името и кажуваше дека отсекогаш беше за сите околу неа, а подоцна и за армијата свои обожаватели, навистина љупка, мила, пријатна, весела… со својата специфична русокоса фризура со препознатливите шишки. Такви и беа и песните, весели, во текот на кариерата воглавно напишани од перото на нејзиниот сопруг, композиторот Никица Калоѓера, со кого ја има ќерката Ника (денес успешна докторка).
Додека живееше во Македонија, пред да се пресели за Загреб, после една нејзина разочарувачка скопска љубов со еден наш пејач, Љупка одеше во Гимназијата “Јосип Броз Тито“ во клас со кој раководел легендарниот Благоја Петровски-Бала.
Другарите од класот нагалено и омилено ја ословуваа со прекарот Бубе!

Во Загреб, Љупка направи голема кариера на просторите на тогашната Југославија, сними многу плочи за “Југотон“ со златни тиражи, и ги испеа најслушаните шлагери: Ќе се лути мојата мајка, Чибу-чиба, Ветување, Чао аморе мио, Адио, Не заборавај, Јас го сакам тој мене не, Ете така не е лесно, Маестрал, Води ме во циркус, Љубљански ѕвон…, а на “Сплитскиот фестивал“ во 1978 година се закити со мегахитот “Твоето мало кајче“.                                                                                                                  Во 1970 година на “Европскиот куп на пејачите“ (некој вид копија на “Песна на Евровизија“) како претставничка на Југославија, убедливо победува на Изборот во Швајцарија. Љупка имаше и многу успешна кариера во некогашна Источна Германија (ДДР), каде најчесто настапуваше во дует со својот колега, пејачот Ивица Шерфези, а одлично пеејќи и на германски јазик. Таа никогаш не ја заборавила својата Македонија, па често доаѓаше и, се разбира, победуваше на нашите фестивали, како на пример на Макфестовскиот со мегахитот “Ѕвона ѕвонат“. (Д.М.)